На бегалската криза е потребен политички, општестевен и економски одговор

Целата светска заедница е повикана да ги утврди политичките, општествените и економските одговори на моменталната бегалска криза – рече папата Фрањо на учесниците на меѓународната конференција во организација на фондацијата Centesimus Annus – Pro Pontifice.

Борбата против сиромаштвото не е само економски проблем, туку пред сè морален; навистина целата светска заедница е повикана да ги утврди политичките, општествените и економските одговори на моменталната бегалска криза – рече папата Фрањо на учесниците на меѓународната конференција насловена „Претприемачки иницијативи во борбата против сиромаштвото – Бегалската криза наш предизвик“. Собирот го организираше фондацијата Centesimus Annus – Pro Pontifice по повод 25 годишнината од објавувањето на истоимената енциклика на свети Иван Павле II. Меѓу останатото папата Фрањо потсети дека невработеноста на младите е срамота со која треба да се соочиме како со некоја општествена болест.

Економскиот напредок насочен кон општото добро

Потребно е заземање на меѓународната заедница, институциите и светот на бизнисот за економски напредок насочен кон општото добро, на вклучување и целосен развој, на создавање работни места и вложување во човечките способности. Папата Фрањо повторно се осврна на тие теми кои посебно му се на срце, примајќи ги во аудиенција учесниците на спомнатата конференција посветена на придонесот на деловната заедница во борбата против сиромаштвото, а посебно што се однесува на актуелната бегалска криза.

Освен материјалната помош, неопходни се долгорочни одговори на проблемите

Светиот Отец зборуваше за кризата во однос на која чувствува посебна близина и чии размери секој ден се сѐ поголеми и ја спомна својата неодамнешна посета на Лезбос на кој – како што кажа – заедно со православниот брат Вартоломеј I и Јероним II беше сведок на болни искуства на човечко трпење, посебно семејствата и децата и сцени на трагични и навистина очајни потреби. Освен непосредниот и применливиот аспект за давање на материјална помош на тие наши браќа и сестри меѓународната заедница е повикана да пронајде политички, општествени и економски долгорочни одговори на проблемите кои ги надминуваат националните и континенталните граници и кои го вклучуваат целото човечко семејство – истакна Папата.

Борбата со сиромаштвото не е само економски туку и морален проблем

Станува збор за тоа дека треба да се соочиме со тие хуманитарни прашања и морални обврски кои се појавуваат во нашите општества заради практичните и економските последици на актуелната светска економија – објасни Папата – настојувајќи притоа да се постават темелите на економската култура и активности кои повеќе ќе вклучуваат и ќе го почитуваат човечкото достоинство. Затоа што – истакна – борбата против сиромаштвото не е само економски проблем туку пред сè морален; тоа бара општа солидарност и развој на поправеден пристап во однос на потребите и стремежите на поединци и народи во целиот свет.

Како што свети Иван Павле II повеќе пати истакнуваше економското делување не може да се води во институционални или политички празнини, туку треба да го поседува важниот етички составен дел; освен тоа треба – според зборовите на Папата – секогаш да се става во служба на човечкото битие и општото добро.

Бројот на сиромашните е во пораст заради економијата на исклучување и неправедноста

Од друга страна пак – рече потоа Папата – како што искуството секојдневно ни покажува, економскиот аспект кој исклучиво е насочен на профит и матерјална благосостојба не е способно позитивно да придонесе за глобализацијата која поддржува целосен развој на народите во светот, праведно распоредување на богатството, гаранција за пристојна работа и поголема приватна иницијатива како и иницијативата на локалните компании. Економијата на исклучување и неправедност доведе до поголем број на сиромашни и оние кои се отфрлени како непродуктивни и некорисни.

Последиците се чувствуваат и во развиените општества

Последиците се – според зборовите на Папата – гледаат и во развиените општества во кои сиромаштвото и општественото пропаѓање е сериозна закана за семејствата, за средната класа која се намалува и посебно за младите. Стапката на невработеност кај младите е срам со кој треба да се соочиме и пред сè во економска смисла, како со општествена болест, бидејќи на нашите млади им се одзема надежта и се расипуваат нејзните големи богаства на силата, креативноста и интуицијата – истакна Папата.

Цивилизација на љубовта која го опфаќа целото човечко семејство

Како што поучува Вториот ватикански собор христијаните не можат да ги одвојат економските, финансиските и бизнис активностите од должностите да се борат за усовршување временскиот поредок во согласност со вредностите на Царството Божјо. Затоа желбата на Папата на крајот е секогаш да се придонесува за сѐ поголема цивилизација на љубовта која во праведност и мир го опфаќа целото човечко семејство.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот