Папата: Свети Оскар Ромеро знаел да го овоплоти ликот на Добриот пастир

Папата: Свети Оскар Ромеро знаел да го овоплоти ликот на Добриот пастир

Светиот Оскар Ромеро знаел да го овоплоти ликот на Добриот пастир кој го дава животот за своите овци – рече папата Фрањо на аудиенцијата со 5000 поклоници од Салвадор кои дојдоа во Рим по повод канонизацијата на надбискупот Ромеро. Меѓу присутните беше и претседателот на Салвадор Санчез Керен.

Пораката на светиот Оскар Ромеро е упатена до сите без исклучок; тој повторувалдека секој католик треба да биде маченик затоа што маченикот  значи сведок на Божјите пораки упатени до луѓето – истакна папата Фрањо на аудиенцијата со околу 5000 поклоници од Салвадор, која се одржа на 15 октомври 2018 година. Речиси можеше да се допре нивната радост заради канонизацијата на монс. Ромеро надбискуп на Сан Салвадор, заштитник на сиромашните, кој е убиен „in odium fidei“ (од омраза кон верата) на 24 март 1980 година, додека служел света Литургија. Споменот на него исто така е изворедна можност за испраќање на пораката на мирот и помирувањето до сите народи во Латинска Америка – рече Папата во говорот кој присутните поклоници неколку пати го прекинуваа со аплауз.

На сите да им се навести Божјата порака на слободата

Бог нѐ повикува да ја навестуваме неговата порака на слободата до целото човештво – рече Светиот Отец. Само во Него можеме да бидеме слободни од гревот, од омразата во своето срце – а монс. Ромеро беше жртва на омразата – и да можеме потполно слободно да љубиме – рече Папата.

Пример и поттик

Свети Оскар Ромеро го овоплотил ликот на Добриот пастир кој го дава животот за своите овци – истакна папата Фрањо и додаде – Тој е пример и поттик за салвадорските епископи; пример за посебната љубов кон оние на кои најмногу треба да им се навести Божјото милосрдие, како и поттик за сведочење на Христовата љубов и грижата за Црквата.

Разобличување на злото во светот

Потоа Папата присутните свештеници и богопосветени ги поттикна да бидат слуги на свештеничкиот народ и неуморно да работат за да ја насочуваат бесконечната Божја желба да им прости на оние кои се покајуваат во својата беда, и да ги отвараат срцата на вашите браќа и сестри за нежноста на Божјата љубов, па и преку пророчко разобличување на злото во светот. Светиот Оскар Ромеро свештениците ги видел среде две големи бездни: онаа на бесконечното Божјо милосрдие и онаа на бесконечната човечка беда. И токму од свештениците и епископите папата Фрањо бара да се грижат за светиот народ верен на Бог, а не да го соблазнуваат.

Салвадор во поновата историја обележан со насилство, оди напред

Заради сето тоа потребно е да се биде во заедништво со Црквата и блиску до Бог. Така во една прилика свети Оскар за светата Тајна Миропомазание рекол дека таа е света Тајна на мачениците – рече папата Фрањо и на крајот со љубов и загриженост им се обрати на жителите на Салвадор кои својата жива вера ја изразуваа во различни облици на народна побожност. Притоа потсети дека во таа средноамериканска земја не недостасувале поделбите и војните, насилството кое силно се чувствувало во новата историја, но тој народ се спротивставува и оди напред. И не е мал бројот на Салвадорците кои морале да ја напуштат својата земја барајќи подобра иднина. Заради тоа Папата ја замоли Марија, Царица на мирот со нежност да се погрижи за населението на таа земја.

Божјиот народ чувствува каде има светост

Народот го сакал на надбискупот Ромеро затоа што Божјиот народ знае добро да „намириса“ каде има светост – рече Папата и во знак на благодарност ја повика на подиумот Анхелита Моралес понизна жена од народот секретарка на монс. Ромеро уште во 70-тите години го придружувала и се грижела за него. На  почетокот на аудиенцијата актуелниот надбискуп на Сан Салвадор Хозе Луис Ескобар Аласа изрази желба светиот Оскар Арнулфо Ромеро да биде прогласен за црковен учител, а патер Рутилио Гранде исусовец убиен во 1977 година во Салвадор за блажен. Со срдечен аплауз беше пропратена и желбата за посета на папата Фрањо на Салвадор.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот