Папата: Марија нека ги благослови Бугарија и Македонија

Папата: Марија нека ги благослови Бугарија и Македонија

Папата Фрањо во текот на Генералната аудиенција се заблагодари на бугарскиот и македонскиот народ за срдечниот прием и се осврна на главните точки од посетата. На крајот го истакна примерот на Жан Ваниер.

Папата Фрањо се врати вечерта на 7 мај од тридневното апостолско патување во Бугарија и Македонија и во катехезата која ја одржа за време на Генералната аудиенција на 8 мај на плоштадот Свети Петар зборуваше токму за впечатоците од посетата на тие две земји. Во Бугарија на средбата со народот кој е спој помеѓу Средна, Источна и Јужна Европа го водеше сеќавањето на светиот папа Иван XXIII кој бил апостолски нунциј во таа земја.

Со мотото „Pacem in terris“ ги повикав сите да одат по патот на братството и бев радосен што на тој пат можев да направам чекор напред со средбата со патријархот на Бугарската православна Црква Неофит и членовите на Светиот синод – рече Папата и истакна: Вушност како христијани нашиот повик и послание е да бидеме знак и инструмент на единство и тоа можеме да бидеме со помош на Светиот Дух ставајќи го тоа што нè обединува пред она што нас нè поделило и што сè уште нè дели.

Евангелието во Бугарија го донеле свети Кирил и Методиј, така свети Иван Павле II со свети Бенедикт ги прогласи за заштитници на Европа – рече Светиот Отец и продолжи: Тие кои биле со грчко потекло од Солун знаеле креативно да ја користат својата култура за пренесувањето на христијанските пораки на словенските народи. Создале ново писмо со кое ја преведуваат Библијата и литургиските текстови на словенски јазик. Денес исто така ни требаат воодушевени и креативни навестувачи на Евангелието за тоа да дојде до оние кои сè уште не го познаваат и да ги натопи новите земји каде старите христијански корени се исушиле.

Меѓутоа света Мајка Тереза од Калкута која е родена во Скопје беше духовното присуство кое го придружуваше папата Фрањо во Северна Македонија. Црквата во таа земја е мала заедница која со Христовата милост стана дом на прифаќање во кој многу наоѓаат мир. Тоа прифаќање ја карактеризира целата земја – рече Папата и истакна: Со својата посета сакав да ја охрабрам традиционалната способност за прифаќање во таа земја на различни етнички и верски групи, како нејзиното прифаќање на голем број мигранти и бегалци во текот на 2015 и 2016 година. Мигрантите им создаваат тешкотии, но тие ги примаа и сакаа.

Северна Македонија е млада земја која треба да се отвори за широки хоризонти без губење на своите корени – рече Светиот Отец и потсети: Бев трогнат од евангелската нежност кога ги посетив сестрите на Мајка Тереза. Таа нежност се раѓа од молитвата и обожавањето. Тие ги прифаќаат сите, се чувствуваат мајки на сите и го прават тоа со нежност. Често како христијани ја губиме таа димензија, но ако нема нежност стануваме премногу сериозни и кисели. Тие монахињи се благи и не работат со лажна љубов.

На светата Литургија во Скопје на периферијата на денешна Европа, повторно се случи чудото на Бог, Кој со неколку лебови и риба, прекршени и поделени го нахрани мноштвото. На неговата неисцрпна Провидност ја доверуваме сегашноста и иднината на народот кој го посетив на тоа патување.

Поздравувајќи ги поклониците од француското говорно подрачје, Папата спомна дека вчера почина Жан Ваниер голем човек на Црквата кој ја основа заедницата „Арка“ која се грижи за лица со интелектуална попреченост. Работеше за најсиромашните, најотфрлените и за оние кои во мајчиното крило биле осудени на смрт. Тој ги примаше и им помагаше да се родат. Нека Жан Ваниер биде пример на сите нас и нека ни помага од небото – рече Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот