РАЗМИСЛУВАЊА НАД ХРИСТОВИТЕ СТРАДАЊА: X постојка – Исуса го соблекуваат

Крвниците и облеката му ја соблекоа. Исусе, од твоето тело ја соблекуваат твојата облека која е залепена на твоите рани. Твојата мајка те гледа. Твоето свето тело е изложено на потсмев. Можеме ли, а да не ги видиме твоите рани? Можам ли да ја завртам главата додека ти стоиш пред мене, ти невин, чист…. Твојот поглед го гледа секој човек. Ти зедоа сè, им допушти сè, па и тоа најинтимното. Боже мој, се направи најмал од сите, најпрезрен, соголен до крај. Погледот на твоето тело ме срамоти.Ти си сама чистота, а јас гнасотија. Ти не се криеш. Стоиш и со погледот ме прашуваш што треба да изберам. Исусе, ти ме познаваш. Пред тебе сум тој којшто сум.Ти ги познаваш сите мои слабости. Кога би застанал и јас пред луѓето како и ти, што ќе видат?

Стојам тука, оваа постојка е најтешка Исусе. Те гледам тебе и се гледам самиот себе… сосема спротивен од тебе, но сепак ме сакаш и за мене стоиш презрен. Не се чудам Исусе и не си го поставувам прашањето: „Како можеа“. Не, веднаш го исфрлам тоа прашање, бидејќи самиот себе треба тоа да си го поставам. Како можев, како можам и денес толку пати да те издадам….

Помогни ми. Сакам секој ден да ја признаам својата слабост, не сокривајќи ја пред себе вистината. Помогни ми да те сакам сè повеќе и повеќе.

Десета постојка: Исус ни вели: Дозволив да ми ја соблечат облеката, да бидам гол. Секогаш ќе сакаш да имаш барем мал дел за себе од животот и од светот, каде ќе сакаш да бидеш сам, нешто што не сакаш другите да го допрат, нешто што е само твое. Но доаѓаат моменти кога повеќе не можеш тоа да го сокриеш. И преку тој крст треба да поминеш. Има ситуации во кои треба сè да предадеш, дека повеќе немаш ништо твое. И тоа ти го одземаат. Дарувај на Бога сè. Крстот не е само разголеност на телото, најболното е кога се разголува душата. Гревовите ја разголуваат душата. Земи го тој крст и никој не може повеќе да те разголи. Дозволи Мојот Отец да ти даде нова облека. Дај му ја твојата интимност. Дај му ја својата душа да ја облече во совршена невиност. Залудно се трудиш да ја сочуваш твојата невиност. Денес признај дека тука си слаб. Тоа е крст – крст на срамежливост, желба да останеш невин, крст од страв некој да не дознае дека паѓаш. Земи го тој крст и ќе ме најдеш брзу. Тогаш нема да се плашиш. Прифати го тоа дека си слаб, дека не си поинаков од тоа што си. Тука ќе се сретнеме.

 

Категорија: духовнитекстови

За авторот

Write a Comment

Your e-mail address will not be published.
Required fields are marked*