Верувам во светата Католичка црква

Објава на Црквата

Црквата е таинство (Рим 16, 25-27), т.е. реалност во која Бог и луѓето доаѓаат во контакт и влегуваат во заедништво. Поимот „црква“ доаѓа од грчкиот „ekklesia“, што значи група на оние кои се „повикани“. (…) Во Светото Писмо Црквата добива голем број на различни имиња од кои секое искажува одреден аспект на таинството на заедништвото на Бог и луѓето. „Божји народ“ е име кое му припаѓало на Израел. Кога се применува на Црквата, „нов Израел“ значи дека Бог не одбрал да ги спаси луѓето како изолирани поединци, туку претвoрајќи ги во еден народ собран во единството на единствените Отец и Син и Светиот Дух за да можат да го признаат и да му служат во светоста. Тоа исто така значи дека Црквата е избрана од Бог како видлива заедница меѓу народите, патувајќи кон конечната татковина. Во тој народ сите имаат заедничко достоинство како Божји деца, заедничка мисија да бидат сол на земјата и заеднички крај кој е Царството Божјо. И сите учествуваат во трократната Христова служба: свештеничка, пророчка и царска. (Катехизам 782-786).

Кога велиме дека Црквата е „Тело Христово“ значи дека Христос со испраќањето на Светиот Дух ги обединил верниците со Себе на интимен начин, особено во Евхаристијата. Тој ги спојува во себе преку Духот, така тие да растат во единството преку милосрдието и прават едно тело, чувајќи ја притоа различноста. Под тој поим исто така изразуваме дека здравјето или слабоста на било кој член има влијание на целото тело (1 Кор 12, 1-24), а верниците како членови на Христос се неговото средство за делување во светот (Катехизам, 787-795). Исто така Црквата се нарекува „Свршеница Христова“ (Ефес 5, 26) што го нагласува и единството и разликата помеѓу Христос и неговата Црква. Тој назив исто така подразбира дека Божјиот сојуз со луѓето e дефинитивен, бидејќи Бог e верен на своите ветувања, а Црквата пак верно одговара така што е плодоносна Мајка на сите синови и ќерки Божји.

Црквата исто така е „храм на Светиот Дух“ бидејќи Тој живее во телото на Црквата и ја изградува во љубовта преку Словото Божјо, светите Тајни, крепостите и харизмите. Бидејќи Христос е вистинскиот храм на Светиот Дух (Ив 2, 19-22), таа слика исто така подразбира дека секој христијанин е храм на Светиот Дух. Харизмите се „личните дарови на Светиот Дух“ обединети за поединците за доброто на луѓето, за потребите на светот и посебно за изградбата на Црквата. Ревизијата на харизмите е задача на учителството“ (Компендиј, 160; 1 Сол 5, 20-22)

„Свој почеток и исполнување Црквата има во вечниот Божји план. Стариот завет го подготвувал изборот на Израел што е знак на идното заедништво на сите народи. Заснована на зборовите и делата на Исус Христос остварена е најпрво преку неговата откупителска смрт и воскресение. Потоа се манифестира како таинство за спасение со излевањето на Светиот Дух на Педесетница. Свое исполнување ќе има на крајот на времињата како небесен хор на сите откупени (Компендиј 149; Катехизам 778).

Бог со откривањето на својот вечен план за спасение исто така ни покажува како има намера да го спроведе. Тој план не е остварен во една акција, туку Бог со текот на времето го подготвувал човештвото да го прифати спасението кое во целост го објавил во Христос. Таа понуда за спасение во заедништво со Бог и во единството помеѓу мажите и жените е конечно дадено преку дарот на Светиот Дух излиен во срцата на верниците, ставајќи ги во личен и постојан однос со Христос. Бидејќи сме станале деца Божји во Христос ние се препознаваме како браќа и сестри со другите деца Божји. Не постои братство и единство меѓу луѓето кое не се темели на тоа заедничко божествено синовство кое ни го нуди Отецот во Христос: не постои братство без заеднички Отец до Кој доаѓаме преку Светиот Дух.

Црквата не ја основале луѓето, ниту таа е благородна човечка реакција на делото на спасението остварено од Бог во Христос. Во таинствата на Христовиот живот Човек помазан со Духот ги исполнил ветувањата навестени преку Законот и пророците. Можеме исто така да кажеме дека воспоставувањето на Црквата се совпаѓа со животот на Исус Христос. Црквата зема облик во односот на Христовото послание меѓу луѓето и за луѓето. Не постои одреден момент кога може да се каже дека Христос ја основал Црквата, бидејќи ја основал во целиот свој живот, од овоплотувањето сѐ до својата смрт по пат на своето Воскресение, Вознесение и испраќањето на Светиот Дух. Во својот живот Христос во кој престојува Духот давал до знаење каква би требало да биде неговата Црква. По своето Вознесение Светиот Дух е испратен на Црквата и останува во неа, соединувајќи ја со Христовото послание, потсетувајќи ја на она што Господ го објавил и водејќи ја низ историјата кон нејзината полнина. Светиот Дух е причината на Христовото присуство во Неговата Црква преку Светите Тајни и Словото и постојано ја украсува со различни хиерархиски и харизматски дарови. Преку неговото присуство е исполнето Господовото ветување дека секогаш ќе биде со нас до свршетокот на светот.

Вториот ватикански собор го открил древниот израз кој ја опишува Црквата како „заедништво“. Тој израз покажува дека Црквата е проширување на човештвото во интимното заедништво на Пресветата Троица и дека на земјата таа веќе е во заедништво со Пресвета Троица, иако сеуште не е во својата полнина. Понатаму, Црквата за сите мажи и жени е знак и средство на тоа заедништво: преку неа учествуваме во близината на Божјиот живот и припаѓаме на Божјото семејство како синови во Синот преку Светиот Дух. Тоа се постигнува на специфичен начин во светите Тајни, главно во Евхаристијата која исто така често се нарекува Причест (1 Кор 10, 16). На крајот Црквата исто така се нарекува „заедништво“, бидејќи таа го предизвикува духот на молитвата (Катехизам 2655, 2672, 2790)

Опус Деи: Мигуел де Салис Амарал/Превод: Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

За авторот