Дозволи му на Исус да те привлече кон Себе

Според Евангелието од Иван 12,20-33; 5 Недела од Великиот пост, година Б

Во петата недела од Великиот пост, Црквата ни дава Евангелие во кое Исус е во Ерусалим, кратко после неговото славно влегување, а пред да пострада. Во својот говор зборува за плодот на Неговата смрт. Сето тоа нѐ поттикнува да бараме одговори и да се конфронтираме со вечните прашања за смислата на страдањето, за смислата на животот и смртта. Ако е Бог добар зошто дозволува страдање, несреќи, смрт… Прашања на сите оние кои со сомнеж гледаат кон Бог и неговото постоење, но и за вистинските Богобаратели.

Такви Богобаратели ни претставува токму денешното Евангелие во ликовите на Елините кои доаѓаат кај Филип, барајќи го Господ и кои сакаат да го видат. Можеби токму такви Богобаратели сме и ние, го бараме Господ, да се сретнеме со Него. Можеби го бараме на некои други места: во задоволства, моќ, богатства… Имаме една друга логика на размислување, световна, други ставови, а понекогаш сме и премногу „зафатени“ за да имаме свои… А евенгелието ни зборува дека патот до средбата со Господ е преку апостолите, односно Црквата. Таа не носи на сигурна средба со Него, во заедништво, како што тоа го направија Филип и Андреј, како што тоа денес го прави Господ преку Црквата, навестувајќи ни за љубовта од Крстот.

Евангелистот ни зборува дека Елините сакаат да го видат Господ, не зборува за нивните очекувања, нивните желби и стремежи.

Нивната прва средба со Господ и неговите директни зборови најверојатно ги остава без збор, тие се изненадени и разочарани. Многу пати и ние остануваме разочарани, бидејќи некои работи во животот не се одвиваат според нашите планови, стратегии, замисли, фантазии, не се одвиваат според логиката на светот.

Исус не зборува ниту според нивните интереси, очекувања, нивните размислувања и логика, ниту според нашите. Зборува како оној кој има власт и чиј зборови се надвор од секоја световна логика. Да, секако, Божјата логика и световната се разликуваат, таа е поинаква. Исус во приказната за пченичното зрно не зборува за умирање како нешто конечно, последно. Нешто со кое завршува сѐ. За Исус умирањето значи нов почеток, значи да се добие вистинскиот живот, да се умножи. А во суштина Исус ја навестува својата смрт, како и она што сите ние ќе добиеме со тоа. Кога Исус зборува за својата смрт, тој говори дека „дојде часот да се прослави Синот Човечки“ и тоа преку воскресението и победата над смртта. Воскресението Христово е неразделно од страдањето и смртта. Неговата смрт ја добива полната смисла само преку воскресението. Колку пати можеби сме исплашени пред помислата на болест, посебно на смртта? Но Исус дојде да го уништи тој непријател на човекот, да го победи. Смртта го нема последниот збор, туку Христос. Затоа свети Павле ќе каже за победата Христова над смртта: „Победата ја проголта смртта”. Смрт, каде ти е осилката? (1 Коринтјаните 15,54-55)

Но Исус продолжува со својот говор и повикува: Кој ја сака душата своја, ќе ја загуби, а кој ја мрази душата своја на овој свет ќе ја запази. Како и за пченичното зрно, така и овој повик Христов е со друга логика. Често пати од животот имаме некои планови, очекувања, сонови, мислиме да се живее овој живот значи да се проба сѐ, еднаш се живее, ако не живееш како светот што живее, не си модерен, не си во тренд, едноставно не знаеш да го живееш животот. Но Бог во денешното Евангелие повикува да ја прифатиме Божјата логика да се впуштиме во нов живот, да ја откриме смислата на животот, кој е во служењето, најпрво на Бог, а со тоа и на своите ближни и оние во потреба. А служењето добива смисла и има цел во Исусовото ветување: „Каде што сум јас, таму ќе биде и мојот слуга“.

И покрај тоа што на Исус му е нажалена душата, сепак продложува да ја врши волјата на Отецот, не го избира полесниот пат. Не сака да бега од вршењето на волјата Божја, од маките, страдањето, тешкотиите, бидејќи има свое послание: да го прослави Отецот. Исус моли за тоа. А ние, кога сме во тешкотии, маки, искушенија, можеби како по автоматизам го одбираме полесниот пат? Функционираме според световната логика. Но Божјата логика ни открива дека потешкиот пат нѐ води до средба со Господ. А зошто преку нашиот живот, љубов, послание да не го прославиме Господ? Како што Бог се огласи од небото, даде знак дека е со својот Син, така Исус ни вели дека тој глас не е заради Него, туку заради нас. Тоа е само доказ дека Бог и нас ќе не следи на нашиот животен пат до светоста, но само ако ја вршиме волјата Божја. Бог дава знак за неговото присуство во животите на луѓето, само дали можеме да ги препознаваме…

И на крајот од Евангелието Бог ни зборува со каква смрт ќе умре, дека ќе биде издигнат од земјата и сите ќе ги привлече кон Себе.

Сѐ уште го бараш Бог? Тогаш погледни во Крстот, на раширените раце Христови, на неговите прегратки кои нѐ очекуваат. Погледни во таа љубов која се жртвува за мене и тебе. За некој праведник некој можеби и би умрел, говори свети Павле, но за грешник… Да, Бог умира и за мене и за тебе. Бог сака со таа своја љубов силно да нѐ привлече кон себе да нѐ прегрне, од таму ни ја покажува својата голема љубов кон секој од нас. Зарем уште не си дозволил да те привлече таа љубов? Зошто чекаш, зошто одолговлекуваш? Можеби се плашиш од неговите прободени раце и нозе, неговото изрането тело, од неговата крв. Не, нема да те извалка, туку ќе те очисти. Не плаши се, погледни и дозволи му на Исус да те прегрне. Тој копнее за таа прегратка, бидејќи тоа е смислата на Неговите страдања, смислата на нашиот живот.

к.мк/о. Гоце Костов

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк

За авторот