Свети Петар и Павле

Свети Петар и Павле

Црквата во целиот свет, на 29 јуни односно 12 јули, го слави празникот на Апостолските првенци, Свети Петар и Павле, првите евангелизатори во служба на Исус Христос.

Петар и Павле, имаат големоо значење, а нивните ликови и дела станаа симбол на христијанството и навестувањето на Радосната вест.

Петар и Павле се гласници на божествената порака до човештвото. Тие се двајца различни луѓе кои се надополнуваат и водат кон полнотата на Исус Христос. Несомнено е дека Павле бил многу убедлив и јасен проповедник, а Петар убедлив сведок.

Свети Петар, особено се карактеризира со фактот што одговори на повикот на Исус додека беше во тело на земјата. Ја имаше привилегијата лично да биде пријател со Исус, додека Исус бил во човечкото тело како Бог и човек. Петар станува првиот Папа меѓу апостолите. Оној кој беше исплашен, кој трипати се откажа од Исус, на Педесетница, ја прима силата на Светиот Дух и смело и ревносно сведочи за Исус Христос, навестувајќи го Евангелието.

Дури после Педесетница, кога силата на Светиот Дух слезе врз него, Петар се преобразува во храбар евангелист, кој оди во смрт за Исус Христос.

Кога станува збор за Свети Павле, додека тој сè уште се викаше Савле, беше гонител на првите христијани по смртта и воскресението на Исус Христос. Не го познавал Исус како Свети Петар, но по блиска средба со воскреснатиот Христос доживеал преобраќање. Исус го повикува Павле да ја навести Радосната вест на незнабошците, бидејќи кај Исус нема пристрасност, имено тој умре за секој човек, за да се спаси секоја душа!

Тогаш уште Савле, гонителот на Црквата, доживеа пад при средбата со Исус Христос, кој ќе му го смени животот и ќе го преобрази во голем евангелизатор. После тоа, Павле доживува силно искуство на вера во Господ Исус Христос, го навестува Него и Радосната вест на христијанството и од голем прогонител станува голем навестител и евангелизатор.

По примерот на свети Петар, првиот Папа и храбар сведок на верата, и свети Павле, големиот и бестрашен евангелизатор и ние да појдеме во пресрет на Господ Исус Христос, живеејќи за Него и за Неговата радосна вест за спасението.

ФБ/к.мк

Категорија: Вера, Сведоштва
Ознаки Павле, Петар

За авторот