Светата уметност, особено иконографијата, има за цел да ја врати душата кон Исус Христос, дури и тогаш кога на иконата е прикажан светец.
Во Стариот Завет не било дозволено да се создаваат ликовни претстави на Бога, бидејќи Бог немал „лице“ што можело точно да се прикаже.
Дури со воплотувањето на Исус Христос стана можно да се создаваат свети слики што ни даваат мал увид во Божјата слава.
Оттогаш, луѓето сè подлабоко навлегувале во уметноста на создавање свети икони, кои ги воздигнуваат нашите умови и срца кон Бога.
Евангелието во слики
Катехизмот на Католичката црква ја сумира теологијата на светите икони во делот посветен на литургијата:
„Светиот лик, литургиската икона, првенствено Го претставува Христос. Таа не може да Го претстави невидливиот и несфатлив Бог, но воплотувањето на Синот Божји воведе нова ‘икономија’ на сликите: Претходно Бог, Кој нема ниту тело ниту лице, никако не можеше да биде претставен со слика. Но сега, кога се направи видлив во тело и живееше меѓу луѓето, можам да направам слика од она што сум го видел од Бога… и со откриено лице да ја созерцувам славата Господова.“
Честопати, она што уметниците се обидуваат да го постигнат преку својата уметност е да го пренесат Евангелието преку слики, а не само преку зборови.
Катехизмот продолжува:
„Христијанската иконографија ја изразува во слики истата евангелска порака што Светото Писмо ја соопштува преку зборови. Сликата и зборот меѓусебно се осветлуваат.“
Затоа светата уметност не е украс, таа е сведоштво на верата и потврдува дека воплотувањето на Божјото Слово било вистинско, а не привидно. Бог навистина влезе во човечката историја, стана видлив, живееше меѓу нас и ни го откри Своето лице во Исус Христос.
Светците нè водат кај Христос
Дури и иконите на светците имаат цел да нè вратат кај Исус Христос.
Катехизмот објаснува дека сите знаци во литургиските славења се поврзани со Христос. Така е и со светите икони на Пресвета Богородица и на светците. Тие не го заменуваат Христос, туку Го означуваат Христос, Кој е прославен во нив.
Светците се дел од „облакот од сведоци“ што продолжуваат да учествуваат во спасението на светот и со кои сме соединети, особено во светотаинските славења.
Преку нивните икони гледаме што значи човекот, создаден „по образ Божји“, конечно да биде преобразен во Божјиот лик. Во светците се открива плодот на Христовата благодат: човекот станува она што Бог го повикал да биде.
Затоа секоја света икона, било да Го прикажува Христос, Пресвета Богородица, ангелите или светците, треба да нè води кон една иста цел: подлабока средба со Исус Христос.
Алетеја/к.мк

