Безумниче, треба да бидеме богати во очите на Господ

Плашејќи се и планирајќи ја својата иднина, сигурноста ја ставаме во најразлични работи. Сопствената иднина ја креираме според наши планови и желби, ја градиме врз материјалното богатство, и на тој начин сакаме да бидеме сигурни дека ќе бидеме среќни…

Дури и слободното време го минуваме во работа, не давајќи си време за семејството, за пријателите, за оние што ги сакаме – за да ни биде обезбедена иднината. Нашиот ден е исполнет со обврски кои кога ќе ги завршиш, чувствуваш голем умор и нерасположеност, но се утешуваш заради добиената материјална заработка. И пак, тоа не е доволно… Останува празнина во нашата внатрешност.

Се обидуваме да ја исполниме со нова облека, нов автомобил, најнов мобилен телефон… Исправени сме пред нов ден и повторно нашите мисли, чувства се окупирани со состанокот кој следува, окупирани од многуте плодови кои ги родила нивата. Успехот, кариерата, авторитетот во општеството треба да се сочуваат. Што градиме често во нашите животи? Стариот амбар ни е полн со загриженост, страв, со планови за иднината, а веќе ѕидаме нов и ставаме поголем товар, полнејќи го со љубов кон богатството, парите, задоволствата.

Понекогаш им служиме на парите, трошиме на работи кои не ни се потребни, а останува празен за помирувањето со својот брат, со кој не зборуваме, бидејќи поголемиот дел од имотот му припадна нему. Да бидеме отворени за еден поинаков живот, во кој љубовта, времето поминато со семејството, разговорот поминат со старите родители, жртвата направена за некој да се почувствува сакан, разговорот со Бог, нека бидат богатства за кои што ќе се бориме да ги постигнеме, богатства за кои ќе изградиме нов амбар за да ги сочуваме.

Забораваме Кој е Господар на небото и земјата. Забораваме дека сè што поседуваме е Негов дар. Дали нашите планови и иднината ќе бидат според нашата желба? Но да одговориме едноставно како Марија „Нека ми биде според зборовите Твои“. Да и дозволиме на Пресвета Богородица да нè води во ова милосно време на Божиќниот пост за да се збогатиме вистински и на тој начин да бидеме бидеме богати луѓе во очите на Господ.

Пишува: Д.И.

За авторот