Проповед на бискупот Стојанов по повод 10 годишнината од смртта на Кјара Лубик

Проповед на бискупот Стојанов по повод 10 годишнината од смртта на Кјара Лубик

Драги браќа и сестри, пријатели и почитувачи на Слугинката Божја Кјара Љубиќ,

Денес околу Божјиот олтар нè собра исклучителна причина. Пред десет години Бог во својот дом ја повика нашата сестра, сега слугинка Божја – Кјара Љубиќ, голема жена на Новиот Милениум да пребива на нивата Господова. Собрани во свечениот чин на оваа евхаристиска благодарност, му благодариме на Бога што во својата Црква, во многу бурни времиња, ја повика Кјара да воведе нов пат на духовноста. Ние сме нејзини современици и наследници на нејзината харизма. Собрани сме на молитва, длабоко уверени дека таа ужива вечен живот пред Лицето Господово. Во молитва со намера Бог да ја прослави со славата на блажените и светите својата скромна слугинка за генерациите кои доаѓаат да имаат можност од олтарот да ја запознаат нејзината јасна порака, а во одот кон духовноста да го наследуваат нејзиното дело, Марииното Дело, што е потпомогнато со нејзиното блажено посредништво!

Слушнавме во текстот од пророкот Исаија, како тој го теши својот народ. Расфрлан и заробен на патот кон слободата тој народ го повикува во новиот сојуз, што Бог, по тешките искуства го склопува со него. Му ветува изобилни пасишта, јасна светлина, заштита и сигурност. А милоста и милосрдието ќе се однесуваат на сите народи. Господ Бог го теши својот народ. Не можеме, а да не го видиме Марииното Дело што се раѓа во срцето на Кјара во тешките времиња, кога по катастрофалната војна и годините на безумие му била потребна како една нова, силна светлина на збунетиот Божји народ. Од нејзиното дело родено е ново движење – радосно живеење на Евангелието! Во тешки времиња, навестување на Радосната вест и тоа со животот е навистина „божествена авантура“. Кјара одговорила на внатрешното Божјо вдахновение и тргнала храбро. Денес, десет години по нејзиниот премин во вечноста гледаме како тоа движење на духовноста е Провидение не само во Европа која се мачи во својата агонија, туку во целиот свет што јасно говори за можноста на опстанокот во сеопштото братство на сите луѓе – како Божји деца. Тоа не е „отстапување“ од севкупната христијанска наука. Не. Тоа е големо дело: вградување на евангелските вредности во секое општество и култура по пат на инкултурација, почитувајќи ја автентичноста и слободата, туку градејќи цивилизација на љубовта која на сите нам ни е толку спасоносна. Во времето на несреќи, плач, обвинувања и уште толку многу негативности, пораката на Евангелието, како Радосна вест на начин на радосно живеење е навистина подвиг во планетарни размери. Тука препознаваме колку Кјара, таа голема жена длабоко во срцето доживувала пророчка служба на навестување, исто како и Исаија од денешното читање.

Папа Бенедикт XVI во едно свое размислување пишува: „Апстрактната љубов никогаш нема да има сила во светот ако не пушти свои корени во конкретна заедница, втемелена на братска љубов. Цивилизација на љубовта се гради поаѓајќи од мали братски заедници. Мора да се почне од нешто посебно за да се дојде до нешто општо. Градењето на братскиот простор не е помалку важен одошто во времето на свeти Иван евангелист или свети Бенедикт, кој со основањето на монашкото братство беше првиот градител на христијанска Европа, градејќи модели на новиот град во братството на верата… “(Кон Велигден, стр. 131). Но, тој истиот голем Папа на ова наше време на едно друго место, кога говори за кризата во Европа – не е песимист. Не, туку тој ја гледа христијанската иднина во малите заедници на автентичните христијански семејства, кои живеат здружени и кои сведочат „радосно навестувајќи го Евангелието“. Зарем Кјара не го зацртала токму тоа, работејќи на пасторалот на семејствата кои се здружени во своевидна поврзаност во животот, втемелени на Евангелието? Да, тоа е Божјо дело што Бог го оствари по својата слугинка Кјара Лубик. Иднината на христијанството во Европа не е повеќе во „масовните собирања“. Не. Тоа се капиларни, мали но живи членови на Црквата, често на периферијата, но како поврзани заедници сведочат моќ и сила на евангелските вредности. Ова е Семејна црква. Исус денес во евангелието на тие кои го слушаат им ветува живот.  Да се биде послушен, значи – да се живее!

И уште една мисла. Големиот учител на Црквата свети Августин, откако се обратил, станал свештеник, својот живот го замислувал како монах, смирен и потонат во сето она богатство на евангелската наука што ја голтал со неизмерна глад. Бил желен за осаменост, се стопувал во Божествената вистина,  хранејќи ја својата душа со богатството на благодатта и мудроста. Можеби тоа звучи малку себично, но така тој планирал. Сепак, се случило поинаку. Бог го повикал за бискуп во Хипон, иако таму околностите биле тешки и погодно време за романтични души. Било време на ерес и тешки судири. Во еден текст, коментирајќи ја петта глава од Книгата Песна над песните, ги коментира овие зборови и слика: Свршеницата е во креветот и спие – но срцето бдее. Во тој миг се слуша шум, Саканиот тропа: „Сестро, отвори ми“. Свршеницата не сака: „Ја соблеков облеката своја, како да ја облечам? Нозете ги измив, како да ги извалкам?“ Августин размислува, Свршеникот кој тропа е Христос, Свршеницата е Црквата, тоа се души кое ги љуби Господ. Но, вели свети Августин, како можат нозете да се извалкаат ако чекорам кон Господ, ако одам да Му ја отворам вратата? Како одот кон Христос, кој ни ги мие нашите нозе, може да ги извалка нозете? Во еден таков парадокс свети Августин открива решителна стварност или да се одлучам за манастир, тишина, молитва и сигурност, или да излезам, да се отворам и отидам во свет да работам, да имам мисија…  тие кои не отвораат врата се контемплативни, бараат совршен мир сосема затворајќи се од светот и живеејќи ја исклучително убавината на вистината, мирот, верата, оставајќи светот да се занимава сам со себе… Но се слуша Исусовиот глас: „Ти живееш во контемплација, но мене си ми ја затворила вратата, ти бараш удобност за мал број, додека надвор се шири беззаконие и љубовта на мноштвото се оладува…“ Затоа Господ Бог тропа и вика: „Отвори ми… и мене проповедај ме“. Вистина, излегувајќи во светот можеби ги валкаме нозете, но Христос ни ги мие пред секоја Евхаристија… И слугинката Божја Кјара веројатно во својата душа водела борба како и свети Августин, но сепак не се затворила во манастирот. Заминала во свет, многумина повикувајќи со себе, семејства и поединци. Тие барем да ги извалкаат своите нозе одејќи по патот на животот, но кој ќе поверува, вели Исус, не треба целиот да се измие, туку само нозете, а тоа го прави Христос во секоја евхаристија…

Драги браќа и сестри, и ние сме во оваа Евхаристија собрани очистени и со чисти нозе, со намера храбро да чекориме за Христос во светот живеејќи ја неговата Радосна вест. Нека во тоа ни помогне заговорот на Кјара Лубик.

Благодарам на сите, кои со својот живот и работа, и на овие простори ја сведочат харизмата на оваа голема жена. Амин.

 

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот