Светол Понеделник

Светол Понеделник

Денешниот втор ден од Велигден, наречен уште и Светол Понеделник, повторно нè навраќа да размислуваме за настаните поврзани околу воскресението кои ни ги пренесуваат Евангелистите. A во тие евангелски извештаи можеме да прочитаме за подмитување, заташкување и секакви можни лаги од страна на првосвештениците се со цел само да го прикријат Воскресението Христово.

На сите им изгледало дека во Ерусалим на првиот ден од седмицата ќе помине онака како што можело да се заклучи од минатата седмица. Исус веќе втора ноќ лежи мртов во гробот, стражарите се прашуваат зошто мора да да чуваат гроб на мртов човек, кој е казнет со распнување на крст. Доаѓаат жени да го помазат и единствената нивна грижа им е кој ќе им го отргне каменот од гробната врата. Апостолите пак се во голем страв зад затворени врати, тажни и разочарани и со напрегнат слух чекаат од улицата да слушнат нешто необично.

Двајца други пак ученици, многу разочарани и тажни заминуваат во блиското место наречено Емаус, во тишина и смирено да размислат како ќе продолжат понатаму.

Првосвештениците ликуваат што успеале да го отстранат Исус, кој за нив претставувал голема опасност. Пилат задоволно ги трие рацете, мислејќи во себе дека за Исус најдел решение кое било најдобро можно, удовилил и на царот и на првосвештениците, пронашол ‘Соломонско решение’.

Но, сепак сè било поинаку. Гробот е најден празен!

Гробниот камен е отстранет, Исус ги сретнува жените, ги поздравува, им кажува што треба да направат, двајцата разочарани ученици се враќаат трчајќи од Емаус до Ерусалим и ги уверуваат учениците за сè што доживеале на патот за Емаус.

Исус доаѓа меѓу своите зад затворена врата и им ја враќа верата и храброста, им го дарува својот мир. Првосвештениците пак се убедуваат самите себе, а на преплашените војници скапо им плаќаат за да рашират лажна вест: Телото е украдено.

И ете, гледаме дека сè многу бргу може да се смени, и дека многу работи не се како што луѓето би сакале да бидат, отстранувајќи го Бог од својот живот, но и од јавниот и општествен живот.

Замислете и покрај платените лаги, новоста за воскресението не можеше да се спречи да се рашири, не можеше да се врзе, за само неколку дена го преплави Ерусалим, за неколку десетина години цела Јудеја, а за неколку века целото Римско царство, а денес и целиот свет.

И сите тие случувања и искуства ни даваат една нова и неопишлива надеж, која самиот Бог ни ја дава и ни зборува дека и за нас го подготвува денот кога сè ќе биде поинаку, од Велики Петок, многу поинаку, подобро и поубаво од што може да се замисли. Токму затоа треба да се радуваме и да уживаме во милоста и убавината на Велигден, во надежта која ни ја дава Воскреснатиот Христос.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот