Дон Боско: Да ја избегнуваме лутината во воспитувањето на децата

Дон Боско: Да ја избегнуваме лутината во воспитувањето на децата

 Благиот апел кон детето е полн со мистериозен авторитет и убедлива моќ, додека гласот на лутина го оддалечува детето од таткото и го нарушува неговиот авторитет во очите на детето

Има прекрасно писмо во кое свети Иван Боско ги советува неговите свештеници да ја избегнуваат  лутината во нивните обврски за штитениците за кои се грижеле.

Да се откажеме од сета лутина

Дон Боско ја основал монашката заедница, Салезијанци, за да се грижи за бездомните момчиња, и така тој и неговите свештеници сигурно имале пред себе мноштво неконтролирани однесувања кои морале да се исправат, како и ситуации каде што можеле да изгорат од лутина. Но, свети Иван Боско им кажува на свештениците во писмото: „Тие се наши синови, така да во коригирањето на нивните грешки, мораме да се откажеме од сета лутина и да продолжиме да се држиме подалеку од неа, додека не исчезне целосно. Не смее да има непријателство во нашите мисли, ниту презир во нашите очи, ниту навреди на нашите усни. Мораме да користиме милост во сегашноста и да имаме надеж за иднината, како што доликува на вистинските татковци, кои се надеваат на вистинска корекција и подобрување “.

Тоа што светецот им го кажувал на свештениците, се однесува  и на нас мајките и татковците во воспитувањето на своите деца. Секој пат кога ќе го прочитав ова писмо, кое е содржано во читањето на церемонијата за одбележување на свети Иван Боско, 31 јануари, се восхитувам на неговата мудрост, но во исто време со неа сум осуден: Принуден сум да признаам дека кога овој голем светец би го видел моето родителство, би ми рекол дека се впуштам во преголема лутина кон моите деца.

Во облик на правда

Се чини дека лутината што продира во родителските дела на прекор, дисциплинирање и казнување е примарен фокус на Писмата на дон Боско. Постојат и други видови на родителска лутина, како на пример кога детето има потреба од родителот кој не сака да се замара со него и родител кој реагира полн со фрустрации. Овде лутината е надвор од рамките на родителот кој сака да го дисциплинира детето. Да останеме во овие рамки и да се обидеме да разбереме зошто толку лесно лутината влегува во процесот на дисциплинирање и казнување на децата.

Свети Тома Аквински вели дека обично сме лути кога се соочуваме со неправда и дека елементот на презир или потценување, кај оној кој нешто ни згрешил, е она што предизвикува лутина. Значи, ако детето е безобразно кон своите родители, ако тоа покажува, со збор или дело, потсмев, а не почит, родителите се подготвени на лутина. Тие се во точна позиција каде што луѓето природно чувствуваат лутина. Лутината ги обзема родителите толку силно, особено затоа што тие се чувствуваат праведни кога го прекоруваат непочитувањето на нивните деца. Тие чувствуваат дека ќе го изнегираат нивното најискрено чувство на праведност дека би ја потиснале својата лутина. Отровот на лутината продира во нивната душа под маската на правдата.

Лутината никогаш не е оправдана

Свети Иван Боско нема да ги советува родителите да го негираат своето чувство за правда. Тој нема да ги поддржи родителите на кои им недостасува самодоверба, па затоа не им пречи да не ги почитуваат нивните деца. Сигурно би очекувал од родителите да “се осмелат да дисциплинираат”, но предупреди на лутината која става “непочитување во нашите очи” и “навреди на нашите усни.” Лутина која во оваа смисла предупредува, никогаш не била оправдана ниту со непочитување на нашите деца, ниту од било што друго.

Овој голем светец, исто така, имаше добро чувство за тоа како тешките зборови на презир може да бидат неплодни. Во истото писмо читаме: “Подобро е во тешки ситуации скромно да го молиме Бога, отколку да исфрлиме реката зборови, кои само што ќе го навредат слушателот и нема да имаат ефект врз вината. “Ако сме чесни со себеси, ќе си признаеме на самите себе дека колку повеќе го креваме гласот со луто прекорување, толку сме понемоќни. Понекогаш доаѓаме до точка кога нашата лутина станува дел од лутината кон нашата сопствена беспомошност и тоа не е веќе лутина кон нашите деца, кои не нè почитуваат.

Моќта на кроткоста

Од друга страна, постои голема сила на кроткоста за која се застапува свети Иван Боско. Во една прилика  група затвореници момчиња ги однел на селски излет; тој ја одбил помошта на затворските чувари и бил сам способен да ги врати сите момчиња во затворот на крајот на денот. Чуварите биле фасцинирани од фактот дека никој не се обидел да избега. Неговиот татковски пристап ја разбил сета лутина и бил помоќен од секој чувар во затворот.

Ние можеме да го видиме ова вака. Кроткоста на свети Иван Боско можеби изгледа на прв поглед како слабост, дури и беспомошност во однос на гласната лутина на таткото кој го прекорува своето дете, која може да изгледа многу јако и храбро. Но, реалноста е сосема спротивна: нежниот апел кон детето е полн со мистериозен авторитет и убедлива сила, додека гласната лутина служи само за да го оддалечи детето од таткото и го нарушува неговиот авторитет во очите на детето.

Лутината како обвинение

Можеби главниот елемент, кој може да се заклучи од ова писмо на Дон Боско е дека кога лутината врие во нас на нас ни недостасува пристапот на љубов кон нашите деца. Погледот ни бега од фактот дека е важно децата добро да се чувствуваат. Ние не ја доживуваме нашата лутина како нешто што им користи, туку како обвинение за нивното лошо однесување. Не размислуваме како ќе се прифати нашата лутина и дали слушателот ќе ја слушне и ќе има корист од неа. Кога би размислувале за ова, тогаш би го разгледале фактот дека лутината “нема влијание врз оние што се виновни”.

Ние го игнорираме овој очигледен факт, бидејќи додека гориме од лутина, ние повеќе ги изнесуваме сопствени тенденции отколку што придонесуваме за доброто на нашите деца. Во занесот на лутината постои самопопуштање. Го губиме допирот со духот на служење на нашите деца за што Дон Боско вели: “Ние сме во служба на нив. Да се срамиме доколку одбереме став на надреденост. Ние не владееме со нив, туку треба да им служиме подобро “.

Повторувам дека духот на Дон Боско не нè спречува нас родителите да бидеме цврсти во поглед на своите деца. Напротив, овој голем христијански учител на младите ни советува да исцртаме граници, да бидеме непопустливи за важните прашања, да очекуваме почит и, кога е потребно, да изречеме казна. Тој сигурно знаел, од неговото големо искуство, дека постојат моменти кога овие работи треба да се направат со сила. Оваа сила во дисциплинирањето може да се нарече “лутина” и поради тоа, во некоја смисла, може да се заклучи дека инструкциите на Дон Боско дозволуваат оправдана лутина. Но, често во лутината на родителите има горчеливост, навредливи граници, нешто што пред сè повредува,отколку што изградува, што оддалечува, а не поврзува. Кога овој неуспех на љубовта ќе влезе постојано во нашето родителство, исправното станува погрешно.

Трансформација во Христа

Реков дека кроткоста е спротивна на лутината. Јас би го упатил читателот до прекрасниот дел за кроткоста во делото на Дитрих фон Хилдебранд, Трансформација во Христа. Тој го објаснува контрастот меѓу христијанската кроткост и сето она што е сурово и насилно; тој, исто така, го појаснува контрастот меѓу христијанската кроткост и сето она што е слабо и колебливо. Убаво ја прикажува особената почит која кротката личност ја покажува кон другите како духовни суштества и како личности.

Ова почитување, спротивно на горчината на лутината, мора да биде во центарот на нашето родителство.

Казнување на нашата сопствена гордост

Заклучувам со овие реченици полни со предизвици од писмото на Дон Боско: “Мои синови , во моето долго искуство многу често мораше да бидам убеден во оваа голема вистина. Полесно е да се лутиш, отколку да се воздржиш, како и да му се заканиш на едно момче, отколку да го убедиш. Да, навистина, посоодветно е да се биде упорен во казнувањето на нашата нетрпеливост и гордост, отколку да се исправаат момчињата.” Светецот ни кажува дека не треба да бидеме измамени од смислата за “правда”, која е двигател на нашата лутина; често има отров во нашата лутина, и поважно е за нас да го исфрлиме отровот од нашиот духовен систем, отколку да ги прекоруваме нашите деца за непочитување.

Џон Ф. Крозби/к.мк

Категорија: Вера, Семејство

За авторот