Свети Валентин е маченик за Христовата вера, кој пострадал многу млад, како свештеник околу 269 година, кога со Римското царство владеал царот Клавдиј.
Поради масовното прогонство и палење на христијанските списи – документи, во време на владеењето на царот Диоклецијан, многу записи за свештеномаченикот Валентин се уништени. Со сигурност се знае дека ден на неговото страдање се зема 14 февруари и тоа официјално во Црквата е уште од 469 година кога папата Галасиј тој ден го прогласува ден на свети Валентин.
Бидејќи светиот маченик Валентин бил најпознат светец меѓу Божикните празници и Велигденскиот пост кога било време на правење брачни веселби и венчавки низ вековите тој почнал да се слави како заштитник на заљубените, односно на бракот.
Свети Трифун, е роден околу 232 година во Фригија – Мала Азија, која во тоа време била под власт на Римјаните, а денес се наоѓа во Турција.
Поради неговата христијанска вера бил измачуван и погубен со маченичка смрт во седмото сеопшто прогонство на Христијаните, за време на царот Декиј.
Денот на мачеништвото на свети Трифун се зема 02 февруари и се совпаѓа со празникот – Сретение – (ден кога го славиме принесувањето на Господ Исус Христос во храмот, 40 дена по Божик), па затоа празникот на свети маченик Трифун се слави ден порано на 01 февруари, односно на 14 февруари, таа разлика се создава поради разликата на следењето на Јулијанскиот календар, кој заостанува 13 дена зад Грегоријанскиот календар.
Од 809 година, моштите на свети маченик Трифун почиваат во Католичката катедрала во Котор – Црна Гора.
Мачениците Валентин и Трифун се слават како светци кои го жртвувале животот за својата вера во својата младост. Едниот, свети Труифун немал ниту 20 години, а другиот малку повеќе од 20 години.
Затоа празникот на свети Трифун и свети Валентин не е ниту за пиење вино, ниту за давање некакви поклони, туку, за празнување на заштитниците на Бракот како основа на Семејството и на Лозарите за плодна година за издршка на своите Семејства.
Наталија Стојанова