Полова рамноправност или родова еднаквост?
Забележуваме дека во јавноста сè помалку се слуша зборот пол кој сè повеќе го заменува зборот род. Дојде до поместување: нов израз ни влегува во ушите, на него се навикнуваме, можеби веќе почнуваме и да го користиме. Повеќе не се говори за полова рамноправност, туку за родова еднаквост. Дали содржината е иста? Не, тоа е јазична манипулација која има за цел наметнување на една нова идеологија која тежнее за создавање на општество во кое не постојат мажи и жени, туку само луѓе. Родовата теорија не признава два биолошки пола, туку нуди различни родови и мноштво на полови односно родови идентитети: хетеросексуални, хомосексуални, бисексуални, транссексуални, трансродни итн…
Половата рамноправност подразбира комплементарност, меѓусебно надополнување помеѓу мажот и жената со почитување на достоинството кое произлегува од разликите, додека родната еднаквост подразбира бришење на сите разлики, сѐ додека во нашиот ментален склоп сите не станат само луѓе со различни „сексуални ориентации“, а во администрацијата повеќе нема да има рубрика во која се запишува женски или машки пол.
Збунување со помош на новиот јазик
Родовата расправа се заостри 1990 по излегувањето на книгата Gender Trouble (Родово збунување) на авторката Јудит Батлер, професорка по реторика и книжевност во САД. Таа размислува за тоа „како може најдобро да се нарушат половите категории кои ја подржуваат половата хиерархија и присилна хетеросексуалност“ и вели дека на зборовите треба да и се дадат ново значење, дека треба да се создаде нов јазик затоа што нашиот пристап на материјата, па и на анатомското тело, оди преку јазикот. Политичка цел треба да биде давање на ново значење на јазикот и изразите и така на нов начин да се одреди пристапот до реалноста.
Поимот род (gender) од светската конференција за жените на ОН во Пекинг 1995, разликува општествен од биолошки пол. Критериумот на одредување не е објективно разликување, туку субјективна одлука. Во основните човечки права би требало, според тоа, да спаѓаат и избирањето на сопствениот пол и сопствената сексуална ориентација, како и слободата на одлучување дали сака тој/таа/тоа да биде машко или женско, хомосексуалец, бисексуалец, транссексуалец или кој знае што.
Благодарејќи на притисокот на родовите теоретичари на меѓународните институции, родовата идеологија во голема мера стана и службена политика на западните земји и Европската унија.
Родово израмнување веќе од најмали нозе
Мажите и жените наводно не се раѓаат како мажи жени, туку тоа од нив „се прави“ благодарејќи на улогите кои ги гледаат во јавноста или поради воспитувањето кое го примаат во семејствата и градинките. Затоа децата од најмали нозе треба да се воспитуваат на нов начин.
- Во градинката Егалија во Стокхолм во Шведска на децата не им се дозволува да ги користат машките и женски заменки тој и таа. „Родово освестени“ педагозите во шведскиот јазик воведоа нов израз, неутрална заменка хен, со која се обележуваат сите ликови од сликовницата, било да се момчиња или девојчиња. На час по танцување, воспитувачките и на момчињата и на девојчињата им облекува фустанчиња и им сугерираат на момчињата дека во фустанчињата всушност се чувствуваат многу убаво. Таквата педагогија би требало да им помогне на децата сами и без надворешен притисок да одлучат кој пол и кој род се?
- Во виенската градинка Fun&Care-Kindergarten момчињата мора да си играат со кукли, да си ги лакираат ноктите и да пробуваат фустани за принцези. Девојчињата мора да учат да градат облакодери.
- Хамбуршкиот Дер Шпигел известува дека во некои институции во Германија момчињата упорно се уверуваат дека всушност воопшто не се момчиња, туку дека се само така воспитани. Таквото превоспитување, кое навистина се случува, се одвива во институции за работа со млади и деца кои ги финансира Европската Унија.
- Во текстот „Vaterlose, kinderlose Gesellschaft“ (Општество без татковци и деца) Штефан Бајер пишува за британската иницијатива Pinkstinks (розовото смрди) која се фати за розовите дарови за девојки, бидејќи наводно се сексистички: Розовото е „пасивно“, значи препрека за кариерата. Со типично женски играчки, девојчињата се фиксираат на целите што треба да се биде принцеза или медицинска сестра, додека на момчињата (особено преку ’силната и предизвикувачка сина боја’) им се отвора цела лепеза на големи кариери: лекар, полицаец, пожарникар, пират, возач на автомобилски трки, акционен херој. Под влијание на тие аргументи дури и Бриџет Прентис, британска државна секретарка во министерството за правда, предупреди на девојчињата да не им се купуваат премногу розови предмети! Истовремено се приклучи на бојкотот на еден голем британска производител на играчки. Следниот чекор би можел да биде, да се одвојат милиони од даночните пари за едукативни кампањи во градинките, училиштата и домовите за стари лица поради бабите и дедовците кои на внуците им купуваат такви подароци. На крајот би можело да се случи оние родители, кои при купувањето на подароци прават разлика помеѓу желбата на момчето и девојчето, да бидат присилно затворени во психијатриска болница. Кој мисли дека е ова сатира, не знае што е родова идеологија“, вели Бајер.
- Родовата револуција во Австрија најмногу напредувала на универзитетот: во Линц сите студенти мора да положат испит од Родови студии.
Феминистките ја започнаа својата борба прилагодувајќи го своето однесување на машкиот модел. Сега работат на тоа мажите да постанат женскасти. Момчињата треба да се одвикнуваат од традиционално машките особини како што се потребата за вежбање, натпревар, стремеж за постигнување на ефект, независност. Американската филозофка Кристијана Хоф Сомерс, која самата себе се смета за критичка феминистка, вели: „Кога Том Сојер и Хакелбери Фин би живееле денес, кај нив би се дијагностицирал синдромот на дефицитарно внимание и би се смирувале со Риталин“.
Фактите ја побиваат родовата теорија
OECD (Организација за економска соработка и развој) спроведува проучување за успехот во образованието на учениците при крајот на основното образование. Резултат на тоа проучување е извештајот ПИЗА кој ја побива родовата теорија и го докажува она, што наставниците и родителите го знаат од секојдневното искуство: на пример дека на момчињата потешко им оди сметањето или дека на девојчињата подобро им оди читањето, и така натаму. Заговорниците на родовото израмнување резултатите од овие истражувања ги сметаат за скандалозни.
Во најлибералните земји од северна Европа како што се Шведска или Норвешка, жените со задоволство студираат социологија, отколку физика и со задоволство се медицински сестри отколку да поставуваат керамички плочки, додека во традиционалните земји како што е Индија жените почесто избираат студирање од техничките науки. Тој родов „парадокс“ не е тешко да се објасни: Во сиромашните земји, економскиот притисок го одредува изборот на занимање, па жените кои сакаат да напредуваат често избираат лукративни занимања како што е информатиката. Во имотните земји како што е Норвешка, жените им аат поголеми можности да ги следат сопствените желби во изборот на занимање, па наместо за програмирање на машини се одлучуваат да бидат наставнички или докторки, каде можат да бидат во контакт со луѓето.
Поимот гендер
Поимот гендер (род) доаѓа од сексуалната психологија. Произлегува од стремежот јазично да се изрази болното чувство на некои луѓе дека се заробени во погрешно тело. Од тоа се развила идејата на емоционален или метафизички пол односно род кој е независен од биолошкиот пол. Таа темелна идеја ја презема и хомосексуалното движење, а родовата теорија ја развиле и разработиле главно феминистки, од кои многу се лезбејки.
Американскиот доктор Џон Монеј бил еден од првите кои пробале научно да докажат дека полот е нешто научено. Во своите истражувања не отстапил пред ништо: 1967 двегодишното момче Брус Ример го подложил на „промена на полот“. Набрзо се покажало дека стварноста не сака да се подложи на Монеевата теорија: веќе во раното детство, Бренда (бившиот Брус) ја тргнувала од себе женската облека и одбегнувала женски играчки. Кога на 14 години дознала дека на свет дошла како момче, презела сè да би ја поништила таа „промена на плот“. Бренда /Брус завршила/ завршил трагично: Во пролетта 2004 извршила/извршил самоубиство… Монеевите погледи одамна се побиени од природните науки, особено од истражувањето на мозокот. Монеевата Gender Identity Clinic (Клиника за родов идентитет) во Џонс – Хопкинс болницата во Балтимот е затворена во 1979.
Деконструкција на полот, нацијата и демократијата
Преминот од родова теорија на наметнување на родова идеологија беше конспиративен, се случуваше под маска и траеше со години. Сега, кога праксата го покажува вистинското лице на гендеризмот, за овие теми се расправа сè повеќе во јавноста, а граѓаните масовно демонстрираат на улиците. Интересно е дека промоторите на родовата идеологија го порекнуваат дури и самото постоење на родовата теорија, а кога ќе се најдат соочени со фактите, своите интелектуални противници ги нарекуваат фашистоидни реакционери кои се борат против имагинарна опасност.
На дело е деконструкцијата на полот, меѓутоа не само тоа. Паралелно се случува деконструкција на националниот идентитет и деконструкција на парламентарната демократија. На местото на полот се наметнува родот, нацијата се дијаболизира и се возвишува мултикултуризмот, а парламентарната демократија се обидува да се замени со партиципативна демократија во која меѓународни невладини здруженија и технократи, односно „експерти“ кои произлегуваат од којзнае кои шешири, имаат учество во власта како еднакво правни партнери на државата и владата. Ги следат мултинационални концерни, кои од тоа ја извлекуваат својата корист. Тоа е глобален феномен. Тоа се случува во сите стари членки на ЕУ, започна и во новите членки, а се обидува да се наметне и во земјите во развој. За да би можеле државите и нациите да се спротивстават на тоа, мора најпрво да знаат што воопшто се случува. Историското клатно постојано се ниша… Културата на слепа послушност и безусловно извршување на должноста ја замени културата на индивидуална слобода и произволни новокомпонирани човечки права, но се чини дека клатното дојде до својата крајна точка и дека почнува да се враќа наназад. Дали ќе дојде до рамнотежа во која секој го наоѓа своето вистинско место?
Лидија Парис
Превод: С.С.