Папата: Христијаните заедно да најдат одговор на проблемите

„Христијаните во Европа не треба да се поделени по прашањата на етиката“. Ова охрабрување го упати папата Фрањо до Заедничкиот комитет на Советот на Европските епископски католички конференции и Конференцијата на европските цркви, која ги обединува останатите христијански цркви на континентот.

Папата упати апел до сите христијани да вложат напори во корист на мигрантите кои пристигнуваат во Европа како последица на војните и сиромаштијата.

Во своето слово, Папата посочи дека „долго време христијаните во Европа воделе војни едни против други“, додека во моментов, благодарение на екуменското движење, беа направени „големи чекори на патот кон помирувањето и мирот“:

„Овие иницијативи се повод за голема надеж дека ќе се надминат поделбите и покрај сознанието дека ќе биде долг патот кон целосното и видливо обединување помеѓу сите верници во Христа. Всушност, овој пат колку и да е тежок, веќе е интегрален дел од процесот на помирување и заедништво, кое Бог го сака од нас и нè тера да исполниме, под услов дека тоа се исполнува со љубов и вистина“.

Врз основа на соборниот документ за екуменизмот „Unitatis redintegratio“ (Враќање на единството), Папата потсети дека „поделбата меѓу христијаните штети на пресветата кауза за навестување на Евангелието на секое човечко суштество“:

„Ова станува очигледно кога Црквите и црковните заедници во Европа имаат различни ставови за важни антрополошки или етички прашања. Затоа посакувам да не недостасуваат и да бидат плодни можностите за заеднички размислувања, врз основа на Светото Писмо и на заедничката традиција“.

Папата Фрањо истакна дека „свртени заедно кон Христа, можеме да најдеме заеднички одговор на прашањата кои современото општество ги става пред нас, христијаните“. Светиот Отец стави акцент на новите и решителни предизвици, со кои се соочуваат Црквите и црковните заедници во Европа:

„Мислам на предизвикот, кој произлегува од оние закони кои во името на лошо сфатениот принцип на толеранција, не дозволуваат на граѓаните да се изразуваат слободно и да ги практикуваат мирно и легално своите религиозни убедувања“.

Папата Фрањо се задржа и на начинот на кој Европа се справува со драматичната, често трагична појава на миграција на илјадници луѓе кои бегаат од војни, прогонства и сиромаштија“, потсетувајќи дека „Црквите и црковните заедници во Европа се обврзани да соработуваат за промовирање на солидарноста и гостопримството“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот