Папата Фрањо најави конзисториум за именување на нови кардинали

Папата Фрањо најави конзисториум за именување на нови кардинали

Папата најави конзисториум за именување нови кардинали; меѓу нив се тројца раководители на куријалните дикастерии. Шеснаесет од нив имаат право на избор зат Папа. Најмладиот со 48 години е монс. Маренго, апостолски префект на Монголија.

По молитвата Царице небесна на 29 мај 2022 година и поздравите до присутните верници, Папата најави дека на 29 и 30 август 2022 година ќе се одржи состанок со сите кардинали на кој ќе се разгледа новата Апостолска конституција ‘Praedicate evangelium’ и дека во сабота на 27 август ќе се одржи конзисториум за именување на нови кардинали. Тоа ќе биде осми конзисториум во понтификатот на папата Фрањо.

Тројца раководители на дикастерии

Станува збор за кардинали кои доаѓаат од целиот свет. Меѓу нив се тројца раководители на дикастериите на Римската курија: Англичанецот Артур Рош, префект на Конгрегацијата за свети Тајни и богослужби; Корејецот Лазар Ју Хеунг-сик, префект на Конгрегацијата за клер; Шпанецот Фернандо Вергез Алзага, претседател на Папската комисија за државата град Ватикан и претседател на управата на државата град Ватикан.

Новите кардинали

Заедно со ови тројца, меѓу идните кардинали се и: Жан Марк Авелин, надбискуп Марсејски; Петар Ебере Окпалеке, бискуп на Еквулобија во Нигерија; Леонардо Штајнер, надбискуп од Манхаус; Филипе Нери Антонио Себастиајо до Росарио Ферао, надбискуп на Гоа и Дама во Индија; Роберт В. Мек Елрој, бискуп од Сан Диего, САД; Вирџилио до Кармо да Силва, надбискуп на Источен Тимор; Оскар Кантони, бискуп од Комо во Италија; Ентони Пула, надбискуп од Хајдерабад, Индија; Пауло Сезар Коста, надбискуп на Бразилија; Ричард Куја Баавобр, надбискуп на Ваа во Гана; Вилијам Сенг Чај Го; надбискуп на Сингапур; Адалберто Мартинез Флорес; надбискуп на Асунсион, Парагвај; Џорџо Маренго, апостолски префект на Улан Батор, главниот град на Монголија, кој со 48 години е најмлад меѓу новите кардинали.

Осумдесетгодишници

Дополнително, кардинали ќе бидат и пет осумдесетгодишници, кои поради тоа нема да влезат во евентуалната конклава. Тоа се: Хорхе Енрике Хименез Карвахал, почесен надбискуп од Картагена (Колумбија); Лукас Ван Лој СДБ, почесен бискуп од Гент, Белгија; Ариго Миљо, почесен надбискуп од Каљари; Отец Џанфранко Гирланда С.И., професор по теологија, поранешен ректор на Папскиот универзитет Грегоријана; Монсињор Фортунато Фреца, каноник на Свети Петар.

Да молиме за новите кардинали да ми помогнат, потврдувајќи ја нивната посветеност на Христа, во служба на Римскиот епископ, за доброто на целиот божји народ– рече папата Фрањо откако ги прочита имињата на новите кардинали.

Состав на Кардиналскиот колегиум

Кардиналскиот колегиум денеска го сочинуваат 208 кардинали, од кои 117 се избирачи, а 91 се без право на глас. По конзисториумот, на 27 август, тој број ќе се искачи на 229 кардинали, од кои 131 ќе имаат право за избор на Папа.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот