Папата Фрањо на Велики Четврток: Свештеничката радост доаѓа од помазанието
На Црквата и се потребни радосни свештеници, верни на Христос и Божјиот народ – истакна папата Фарњо во проповедта на светата Литургија за посвета на миро, која на Велики Четврток, 17 април 2014, во базиликата Свети Петар ја славеше за сите свештеници во светот, а кои денес ги обновуваат своите свештенички ветувања. Во текот на светата Литургија Папата посвети миро за болните, катекумените и миропомазаниците.
Од каде доаѓа свештеничката радост? – праша Папата обраќајќи се на сите свештеници во светот и на сите кои беа во базиликата. Папата истакна дека свештеничката радост е „скапоцено богатство не само за свештеникот, туку и за целиот Божји народ од кој е повикан за да биде помазан и на кој е испратен за да му помага. Свештеникот е многу мала личност во однос на неизмерната големина на дарот на ракополагање – предупреди Светиот Отец.
Свештеникот е најсиромашниот човек ако Исус не го збогати со своето сиромаштво, е најбескорисен слуга, ако не е Исусов пријател, најлуд, ако Исус трпеливо не го учи како Петар, најслаб меѓу христијаните, ако Добриот Пастир не го зацврстува среде стадо. Никој не е помал од свештеник кој се надева на своите сили – рече папата Фрањо.
Поаѓајќи од таа маленкост ја прифаќаме својата радост: радост во нашата маленкост. Папата наведе три значајни карактеристики на свештеничката радост: помазанието, неуништливоста и мисионерството. Помазанието продира во длабочината на срцето кое обликува и зацврстува; нашата радост извира од внатре, таа е оддек на помазанието – истакна папата Фрањо.
Неуништлива е, никој ништо не може да и одземе ниту додаде, постојан е изворот на радост: таа радост никој не може да ја избрише, иако гревот и животните грижи можат да ја заспијат и пригушат. Во длабочината останува недопрена како вжарен труп закопан во пепел. Таа радост е мисиска, затоа што се однесува на верниот народ Божји – објасни Папата додавајќи:
Стадото доверено на пастирите ја чува радоста која Господ ни ја дава. И во моментите на жалост, кога сѐ изгледа мрачно, а вртоглавицата на осаменост нѐ заведува, во тие непожелни и досадни моменти кои понекогаш нѐ запленуваат во свештеничкиот живот (кои и јас сум ги доживеал) и тогаш Божјиот народ е способен да ја чува свештеничката радост, го штити свештеникот и му помага да го отвори срцето и повторно да најде обновена радост – рече папата Фрањо.
„Три сестри опкружуваат, заштитуваат, бранат и ја чуват радоста: сиромаштвото, верноста и послушноста. Свештеникот е сиромашен за човечка радост: се откажал од толку многу работи. А бидејќи е сиромашен, и бидејќи на другите дава многу, својата радост треба да ја бара кај Господ и кај верниот Божји народ. Не треба сам да си ја прибави. Знаеме дека нашиот народ е многу великодушен во благодарноста на свештениците и за најмал гест на благослов, а посебно за светите Тајни. Многумина, говорејќи за криза на свештеничкиот идентитет, забораваат дека идентитетот претпоставува припадност. Нема идентитет – нема животна радост – без активна и зафатена припадност на верниот Божји народ – рече папата Фрањо.
Свештеникот го наоѓа својот идентитет – рече Светиот Отец – излегувајќи од самиот себе. Ако не излезе од самиот себе, елејот се запалува, а помазанието станува неплодно. Излегувањето од самиот себе бара „соголување на самиот себе“, осиромашување. Говорејќи за верноста „ на единствената свршеница – Црквата“, Папата рече дека во верноста е клучот на плодноста, но не во смисла на „безгрешност“, би било добро сите да сме такви по Божјата милост– рече папата Фрањо.
Духовните деца кои Господ ги дава на секој свештеник, а тоа се сите кои ги крсти, семејства кои ги благослови и и помага во одењето, болни за кои се грижи, млади кои ги поучува и воспитува, сиромашни на кои им помага… сите тие се „свршеница“, а тој е среќен да може да ја сака и да и биде секогаш верен – објасни папата Фрањо додавајќи:
Тоа е жива Црква, со име и презиме, за која свештеникот се грижи во својата парохија или доверената мисија, кога прави сѐ што треба да прави, а од сѐ се откажува за да биде меѓу овците кои Господ му ги доверил. Сестра на свештеничката радост е послушност на Црквата, „послушност на Црквата во служењето“ – истакна Папата.
Свештеничката отвореност ја претвора Црквата во куќа со отворена врата, во прибежиште за грешниците, засолниште за бездомниците, лекувалиште за болните, летувалиште за младите, веронаучна сала за првопричениците… Таму каде што Божјиот народ има некоја желба или потреба, тука свештеникот го слуша Христос кој го испраќа милосрдно да помага и со креативна љубов да ги поддржува добрите желби – рече Папата.
Оној кој е повикан треба да знае дека во овој свет постои вистинска и потполна радост: дека е испратен во народот како делител на Исусовите дарови и утеха, единствениот Добар Пастир. На крајот на проповедта Папата посебно молеше за младите свештеници: Во своите млади свештеници, Господи, чувај ја почетната радост, радоста да ја обноват секоја работа, радоста животот за Тебе да го трошат – молеше папата Фрањо.
Папата молеше да блесне „радоста на старите свештеници, здрави и болни.“ Тоа е радоста на Крстот, која произлегува од наследувањето на неуништвилото богаство во глинен сад кој е кршлив. Добро да се чувствуваат на било кое место, во минливоста на времето да ја почувствуваат привлечноста на вечноста. Господи, нека ја почувствуваат радоста во пренесувањето на факелот, радоста за да можат да ги видат како децата деца растат и со насмевка и кроткост да ги поздрават ветувањата во надеж која никош не лаже.
РВ/Д.И.