Папата се сретна со слепи и глувнонеми лица
Болните и луѓето со инвалидитет се Исусови миленици – рече папата Фрањо говорејќи пред илијадници слепи и глувонеми со кои се сретна на 29 март во салата Павле VI. Папата повтори дека треба да се поттикнува „култура на средба“ за да се победи „културата на исклучување и предрасуда“.
Исусовата љубов ја победува бариерата на инвалидност – рече Папата на слепите и глувонемите со кои се сретна во салата Павле VI заедно со нивните роднини и асистенти кои секој ден се грижат за нив. Тешката и извонредна хуманост, која во себе ја носат тие луѓе, се гледа преку две сведоштва кои длабоко го потресоа Папата.
Претставник на здружението „Мала мисија на глувонемите“, посебно ги истакна тешкотиите кои луѓето со инвалидитет ги среќаваат во парохијата. Колку глуви во нашите парохии и во бискупиите по светот наоѓаат затворена врата на Црквата? Никој не го зборува јазикот на знаците, никој не може да пишува со поднаслови. Во Вашите раце, Свети Оче, ја доверуваме целата црковна реалност за глувите луѓе и Ве молиме на ова историска средба да дадете знак и пат за комуникација со општата Црква – рече.
Папата пак во говорот се осврна на предизвикот за комуникација со овие луѓе со инвалидитет и на потребата за промовирање на „култура на средба“. Потсетувајќи на Исусовата средба со Самарјанката, Папата рече дека Исус сакал да се среќава со оние на маргините, исклучените и презираните луѓе, како што биле на пример Самарјанците за Израелците – рече Папата додавајќи:
Но да размислиме за многу со кои Исус се сретнал за да ги оздрави и да им го врати целосно достоинството, посебно на болните и немоќните. Значајно е што баш тие луѓе станале сведоци на новото сфаќање, кое можеме да го наречеме „култура на средба“ – рече Папата.
Типичен пример е слепородениот, за кој ќе зборува неделното евангелие. Тој човек бил „од раѓање слеп и маргинализиран во име на погрешното сфаќање дека слепилото е казна Божја: Исус одлучно го отфрла таквото сфаќање – затоа што навистина е богохулно! Исус го отфрла – а давајќи му вид на слепиот, прави „дело Божјо“. Важно е што тој човек, откако тоа му се случува, станува Исусов сведок и на неговите дела, дела на Бог на живот, љубов и милосрдие – објасни Папата.
Додека фарисејските поглавари, од висината на својата сигурност, ги осудуваат слепиот и Исус како грешници, оздравениот слепороден, со неодолива едноставност го брани Исус и на крајот исповеда вера во Него; со него всушност дели иста судбина: двајцата ги исклучуваат од заедницата. А сепак тој човек станува член на новата заедница, заснована на верата во Исус и на братската љубов – рече Папата и продолжи:
Еве две спротиставени култури: култура на средба и култура на исклучување, култура на предрасуда (…) Болен човек или човек со инвалидитет може всушност тргнувајќи од својата кршливост, од својата ограниченост, да стане сведок на средба со Исус, кој отвора живот и вера, и средба со другите, со заедницата. Навистина, само оној кој ја признава сопствената слабост, сопствената ограниченост, може да гради братски и цврсти односи во Црквата и во општеството.
Папата ја заврши средбата со слепите и глувонемите со овие зборови: „Дозволете му на Исус да ве сретне, само Тој може да го отвори срцето за живот и надеж и да го ослободи од затворање и стерилен песимизам.
РВ/Д.И.