Папата се сретна со делегација правници од земјите членки на Советот на Европа

Папата се сретна со делегација правници од земјите членки на Советот на Европа

Папата Фрањо во Ватикан се сретна со делегација правници од земјите членки на Советот на Европа и по тој повод најави дека го пишува вториот дел од енцикликата Laudato si’. Тој ја осуди тенденцијата да се бараат сè повеќе индивидуални права. Без да се бара вистината за човекот според Божјиот план, рече тој, секој станува мерило за себе.

Постојана е загриженоста на папата Фрањо за Украина. По повеќето повторени апели за време на неделните проповеди, аудиенцијата и катехезите во среда, во понеделник 21 август 2023 година, откако во библиотеката на Апостолската палата се сретнаа со група адвокати од земјите-членки на Советот на Европа, кои потпишаа заеднички апел во 11 јуни 2022 година во Виена, Папата повторно со загриженост ја осуди таа – како што рече – бесмислена војна.

Владеењето на правото и независноста на судството

Осврнувајќи се на актуелниот европски контекст, Светиот Отец го истакна наведеното во Апелот од Виена, текст кој ги охрабрува земјите-членки да заземат став во корист на владеењето на правото и независноста на судството. Владеењето на правото никогаш не може да биде предмет ниту на најмал исклучок, ниту во време на криза. Времето на социјални, економски, идентитетски и безбедносни кризи се предизвик за западните демократии да одговорат ефективно, притоа секогаш да останат верни на своите принципи – посочи Папата и додаде: Имено стравот од немири и насилство и потребата да се реагира ефективно на вонредни ситуации е опасност поради што може да се дојде до искушение барем привремено да се ограничи владеењето на правото во потрага по лесни и брзи решенија.

Работа на вториот дел од енцикликата Laudato si’

Зборувајќи надвор од однапред подготвениот текст, Римскиот епископ објави дека го пишува вториот дел од енцикликата Laudato si’, за да го дополни со осврт на актуелните проблеми. Тој ги охрабри присутните да застанат во одбрана на регулаторната рамка во корист на заштитата на животната средина.

Достоинството на една личност се наоѓа во неговите трансцендентни корени

Папата Фрањо потоа предупреди за денешната тенденција да се бараат сè повеќе индивидуални права без да се земе предвид фактот дека секое човечко суштество е поврзано со социјален контекст во кој неговите права и должности се поврзани со правата и должностите на другите и со општото добро на самото општество. Човечката личност треба да се стави во центарот, а не на милост и немилост на модата и моќта на моментот. Основата на достоинството на човечката личност – објасни тој – се наоѓа во нејзините трансцендентни корени, кои забрануваат какво било негово нарушување.

Се шири се повеќе и повеќе погрешно сфаќање на човечката природа и човечката личност, сфаќање што ја ослабува самата негова заштита и постепено отвора можности за сериозни злоупотреби под превезот на доброто.

Повторувајќи го она што го кажа во говорот одржан во Европскиот парламент во Стразбур на 25 ноември 2014 година, Римскиот бискуп потсети дека Европа која повеќе не е во состојба да се отвори за трансцендентната димензија на животот е Европа на која и се заканува постепено губење на сопствената душа.

Без оваа потрага по вистината за човекот, според Божјата замисла, секој станува мерка за себе и за своите постапки.

Владеењето на правото е во служба на човекот

Навистина – продолжи тој – погрешното сфаќање на концептот на човековите права и нивната парадоксална злоупотреба може да ги доведе народите до „ангелски пуризми, до релативни тоталитаризми, до антиисториски фундаментализми, етика без добрина, до интелектуализам без мудрост“, каде владеењето на правото ќе биде единствено во служба на човеката личност која е фалсификувана и манипулирана во согласност со економските и идеолошките интереси.

Владеењето на правото е во служба на човечката личност и има за цел да го заштити неговото достоинство и затоа не се дозволени никакви исклучоци.

Светиот Отец поттикна и заштита на професионалната тајна на адвокатите, која е нарушена во некои земји членки, како што се посочува во Апелот од Виена. Многу е неопходно да се зачуваат просторите на доверба во нашите општества каде луѓето ќе можат да се изразат и да ги положат своите товари – истакна папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот