Контролните резултати на Папата се добри

Контролните резултати на Папата се добри

Во соопштението објавено од Канцеларијата за печат на Светиот Престол, медицинскиот тим известува за состојбата на папата Фрањо по лапаротомијата и пластичната операција на абдоминалниот ѕид со вметнување на протетски материјал. Папата е во добра општа состојба и првата ноќ по операцијата ја помина мирно

Медицинскиот персонал кој го следи постоперативниот тек на Папата известува дека папата Фрањо имал мирна ноќ и дека можел долго да се одмори; тој е во добра општа состојба, буден и самостојно дише. Добри се рутински прегледи. Во текот на целиот ден ќе се придржува на потребниот постоперативен одмор – извести на 8 јануи 2023 година Матео Бруни, директор на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, по лапаротомијата и пластичната операција на абдоминалниот ѕид со протеза, на кои Папата беше подложен во среда 7 јуни, во болницата Гемели.

Папата е информиран за пораките на близина и наклонетост

Папата е информиран за пораките на близина и наклонетост што пристигнале во последните неколку часа и изразува благодарност, барајќи истовремено да продолжат да се молат за него – се наведува во соопштението на Канцеларијата за печат на Светиот Престол.

Имено, бројни се пораките на наклонетост и близина со Папата, со желби за брзо закрепнување, изразени со писма, телеграми, преку Твитер: од претседателот на Италијанската Република Серџо Матарела до Белата куќа, од бискупските конференции, претставници од светот на политиката и културата до едноставните верници, меѓу кои и малите пациенти од детската болница Бамбино Гесу кои направија серија цртежи за Папата. Најтрогателна е онаа која го покажува Светиот Отец на болнички кревет, а зад прозорецот стојат четири деца со натпис: „Не плаши се, ние сме со тебе“. Во пописот на имиња стојат: Џорџо, Миа, Самуел и Кјара.

Изјава на хирургот

Д-р Серџо Алфиери, директор на Одделот за абдоминални и ендокрини метаболички медицински и хируршки науки, кој го оперираше Светиот Отец во оваа прилика, но и во јули 2021 година, кога беше неопходна операција, извести за добрата состојба на Папата, само неколку часа по операцијата.

Светиот Отец е добро, тој е буден, свесен и веќе се пошегува прашувајќи: Кога е третата операција? – рече д-р Алфиери пред борјните новинари собрани на прес-конференцијата, која се одржа синоќа во болницата Гемели.

Постоперативното лекување ќе трае неколку дена – соопштија од прес-службата на Светиот Престол, а д-р Алфиери вчера објасни дека операцијата на која папата Фрањо беше подложен обично бара 5-7 дена закрепнување, но бидејќи тој е 87-годишен пациент, ќе се преземат сите неопходни мерки на претпазливост.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот