Папата на Генералната аудиенција: Бог со нас постапува како со деца, нè љуби и кога грешиме

Ватикан, 10.4.2013 /к.мк/ – Папата Фрањо на својата денешна катехеза на Генералната аудиенција повторно говореше за воскресението, ставајќи акцент на неговата важност за нашето спасение. Пред почетокот на генералната аудиенција папата вообичаено помина меѓу верниците со отворен џип низ плоштадот Свети Петар, прифаќајки деца во своите прегратки кои ги благословуваше. Едно дете кое беше подадено од ватиканските редари за да биде благословено од Папата исплашено започна да плаче, а Светиот Отец се обиде да го смири. Бројните фотографи и камермани подготвено го забележаа овој гест на папата Фрањо.

Светиот Дух кој го примивме на Крштението нè учи, нè поттикнува кон Бог да се обраќаме со „Оче“ или „Ава“, што значи „Татко“. Таков е нашиот Бог: Тој е за нас Татко. Светиот Дух во нас ја остваруваа таа нова состојба да бидеме деца Божји. И тоа е најголемиот дар кој го примаме преку Исусовото Воскресно таинство. А Бог со нас постапува како со деца, нè разбира, ни простува, нè прегрнува, нè љуби и кога грешиме, рече Папата. Искушението да го оставиме Бог настрана и во центар да се ставиме самите себе е секогаш присутно и искуството на гревот го ранува нашиот христијански живот, нашето посвојување во Бог. Поради тоа мораме да имаме храбра вера и да не дозволиме да нè води менталитет кој ни вели: „Не ти е потребен Бог, не е важен за тебе“ и така понатаму. Токму спротивното: само ако се однесуваме како деца Божји, ако не се обесхрабриме поради сопствените падови, чувствувајќи дека Тој нас нè љуби, нашиот живот ќе биде нов, ќе заживее со ведрина и радост. Бог е нашата сила! Бог е нашата надеж!

Драги браќа и сестри, ние први треба да ја имаме таа цврста надеж и мораме да бидеме нејзин видлив, јасен и светол знак за сите. Воскреснатиот Господ е надеж која никогаш не загинува, која не разочарува. Надежта не разочарува! Колку пати во нашиот живот загинува надежта, колку пати очекувањата кои ги носиме во срцата не се исполнуваат! Надежта на христијаните е силна, сигурна, цврста на оваа земја, по која Бог нè повика да чекориме, и отворена е вечноста, бидејќи се темели на Бог, кој секогаш е верен. Не смееме да заборавиме: Бог секогаш е верен, Бог секогаш е верен со нас. Да се воскресне со Христос преку крштението, со дарот на верата, за нераспадливо наследство, нè поттикнува повеќе да го бараме она што е Божјо, повеќе да мислиме на него, повеќе да му се молиме. Да се биде христијанин не се сведува само на тоа да ги почитуваме заповедите, туку тоа значи да се биде во Христос, да мислиме како него, да имаме дела како неговите, да љубиме како него; тоа значи да дозволиме тој да господари со нашиот живот и да го промени, да го преобрази, да го ослободи од темнината на злото и гревот, порача папата Фрањо во катехезата.

При крајот од аудиенцијата мноштвото поклоници папата ги поздрави на шпански јазик, што предизвика големо воодушевување кај поклониците од шпанското говорно подрачје. Тој се обрати и до претставниците на фудбалскиот клуб „Атлетико Сан Лоренцо“, клубот за кој папата Фрањо навива.

На крајот од аудиенцијата Светиот Отец упати апел за југот од Иран кој е погоден од земјотрес и кој зад себе остави човечки жртви, ранети и голема материјална штета. Да се молиме за жртвите и ја изразувам својата близина со населението погодено од оваа катастрофа, рече папата Фрањо во својот апел.

 

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<