Папата на Велики Четврток: Животот е поубав кога си помагаме

Папата на Велики Четврток: Животот е поубав кога си помагаме

На Велики Четврток, 6 април 2023 година, како и во 2013 година, папата Фрањо ја предводеше Светата Литургија Вечера Господова во казнено-поправниот дом за малолетници Казал дел Мармо, во предградието на Рим, со обред миење на нозете на млади мажи и жени од различни возрасти и националности. Радосен пречек со подароци направени од младите луѓе во лабораторијата за тестенини и столарија. Бројаници и чоколадни велигденски јајца беше подарокот од Папата, како и проповедта во која тој истакна: „Сите можеме да се лизнеме, но Исус нè сака“.

На Велики Четврток, попладне, папата Фрањо отиде во малолетничкиот затвор Казал дел Мармо, во предградието на Рим, и ја предводеше Светата Литургија Вечера Господова со традиционалниот обред миење на нозете на дванаесет млади луѓе од различни националности и возрасти – од 14 до 25 години. Имаше десет млади момчиња, и две девојки од етничката група Синти. Останатите беа од Хрватска, Сенегал, Романија и Русија и претставуваа различни верски традиции.

Во својата проповед, која ја одржа без претходно подготвен текст, Папата се фокусираше на Христовиот чин на миење на нозете на учениците. Тоа беше работа за робови – рече тој. Да си замислиме само колку биле вчудоневидени учениците… но Тој го прави тоа за да ја разберат пораката што ќе се случи следниот ден, дека ќе умре како роб, за да го плати долгот на сите нас – истакна Светиот Отец.

Исус не се плаши од нашите слабости

Кога би ги повторувале тие гестови на Исус, животот би бил многу поубав затоа што ќе брзаме да си помогнеме, наместо да се лажеме и да се искористуваме, како што не учат измамниците. Многу е убаво да си помагаме еден на друг; тоа се општи човечки гестови, но тие доаѓаат од благородно срце. Исус сака денес со оваа славење да нè научи за благородноста на срцето – истакна Папата, а како гласноговорник на сомнежите и чувствата на околу 50 млади луѓе присутни на светата Литургија во капелата, додаде: Секој може да каже: „Но, ако Папата само знае што носам во себе…“. Исус го знае тоа и нè сака такви какви што сме и ни ги мие на сите нозете. Исус не се плаши од нашите слабости, никогаш не се плаши затоа што веќе плати; само сака да не придружува, сака да не фати за рака да не ни биде толку тежок животот.

Сите можеме да погрешиме; Исус нè сака такви какви што сме

Во општеството гледаме како некои луѓе ги искористуваат другите – истакна папата Фрањо – колку луѓе се заглавени во ќош и не можат да излезат. Има многу неправда, многу луѓе се без работа, многу луѓе работат и се платени само половина од она што го работат, многу луѓе немаат пари за лекови, многу семејства се уништени, има многу лоши работи. Сето ова може да му се случи на секој од нас, и секој може да направи грешка. Оваа свесност, оваа сигурност дека секој од нас може да згреши, ни дава достоинство, достоинство – повтори Папата – дека сме грешници. Исус нè сака такви и затоа сакаше да ни ги измие нозете и да рече: „Дојдов да ве спасам, да ви служам“.

Најавувајќи го обредот миење на нозе, Светиот Отец ги поттикна младите да размислуваат за фактот дека Исус им ги измил нозете, дека Исус ги спасил додека го правел овој гест. Сега секој од нив има потешкотии, но тие ќе поминат. Господ е секогаш со тебе, никогаш не те напушта. Мислете на тоа – ги охрабри на крајот папата Фрањо.

По светата Литургија на Папата му беа врачени две пакувања со тестенини произведени во лабораторијата за тестенини, неодамна отворена во казнено-поправниот дом. Идејата за оваа лабораторија – објаснија управителите на казнено-поправниот дом – ја дал самиот Папа кога ја посетил институцијата пред десет години и ги охрабрил младите: „Не дозволувајте да ви ја украдат надежта“. Оттогаш, започнаа бројни проекти токму за да ги научат овие млади луѓе на занает и можеби да им гарантираат иднина надвор од овие ѕидови. Таму сега има курсеви за бербери, столарија, дури и работилница за рап музика.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот