Папата на Ангел Господов: Радосната вест е упатена на сите

Евангелието од ова недела говори за почетоците на Исусото јавно делување во градовите и селата во Галилеја. Неговото послание не започнува од Ерусалим односно од религиозниот, општестениот и политичкиот центар, туку од периферијата, омразена од страна на најревните Eвреи поради присутностa на различни народи во тој крај; затоа и пророкот Исаија ја опишува како „незнабожечка Галилеја“ (Исаија 9,1).

Тоа е погранично подрачје и транзитна зона каде се сретнуваат луѓе од различни раси, култури и религии. Така Галилеја станува симболично место на отвореност на Евангелието за сите народи. Од ова гледна точка, Галилеја наликува на денешниот свет: присутност на различни култури, потреба од соочување и средби. И ние секојдневно сме потопени во една „незанабожечка Галилеја“ и од тој контекст можеме да се исплашиме и да попуштиме на искушението со градење на ограда за сопствена сигурност и заштита. Но, Исус нѐ учи дека Радосната вест не е упатена само на еден дел на човештвото, туку треба да ја навестиме на сите. Тоа радосно навестување е упатено на сите кои го очекуваат, но и на оние кои можеби ништо не очекуваат ниту имаат сила да бараат и прашуваат.

Тргнувајќи од Галилеја Исус нѐ учи дека никој не е исклучен од Божјото спасение; напротив – Бог повеќе сака да започне од периферијата; од последните за да допре до сите. Нѐ учи со своја метода, чија содржина е милосрдието на Отецот. „Секој христијанин и секоја заедница, се разликуваат по сопствениот пат кој Господ од нив го бара, но сите сме повикани да го прифатиме тој повик: да излеземе од сопствената удобност и да имаме храброст да допреме до сите периферии на кои име е потребно светлото на Евангелието (сп. Апостолско писмо Evangelii gaudium, 20).

Исус не само што го започнува своето послание од отфрлените места, туку и со луѓе кои би можеле да ги опишиме како луѓе од „низок профил.“ Во изборот на своите први ученици и идни Апостоли не се обраќа во училиштето на книжниците и фарисеите, туку на понизни и едноставни луѓе кои сесрдно се подготвуваат за доаѓањето на царството Божјо. Исус ги посетува и ги повикува од нивните „работни места“ од брегот на езерото: тие се рибари. Ги повикува, а тие веднаш го следат; ги остваат мрежите и тргнуваат со Него. Нивниот живот ќе стане посебна и прекрасна авантура.

Светиот Отец напомна на собраните верници дека треба да бидат свесни за тоа дека во тој момент Исус поминува и покрај нив и ги повикува и додаде дека ако некој од присутните слушне повик „следи ме“ храбро да оди по Господ затоа што Он никогаш не разочарува.

По молитвата Ангел Господов, Папата го истакна следното: Денес се слави Денот на болни од лепра. Ова болест, иако е во опаѓање, сѐ уште ги погодува луѓето кои живеат во услови на крајна беда. Важно е да се одржи во живот солидарноста со овие наши браќа и сестри. Да молиме за нив и за сите оние кои им помагаат и на различни начини се заземаат за да се победи ова болест.

Во молитвата сум со Украина; посебно со оние кои овие денови ги изгубија животите и со нивните семејства. Посакувам меѓу институциите и во општеството, да се развие конструктивен дијалог и да се избегнува секакво насилно делување, во секое срце да завладее духот на мирот и потрагата за заедничко добро на сите – рече Папата и се потсети на суровото убијство на тригодишното дете Cocоa, запалено во автомобилот, повикувајќи ги присутните на молитва за покајание на неговите убијци и за нивно преобраќање.

Следните денови милиони луѓе од Далекиот Исток и другите делови на светот меѓу кои се и Кинезите, Корејците и Виетнамците според лунарниот календар ќе ја прослават Нова година. На сите им посакувам живот исполнет со радост и надеж. Нека пребива неизгаслив копнеж за братство во нивните срца, во семејната интима нека го пронајде своето привилигирано место каде ќе може да се открие, негува и остварува. Тоа ќе биде драгоцен придонес за изградување на хуман свет во кој владее мир.

Вчера во Наполи за блажена е прогласена Марија Кристина од Савон (…). Таа жена со длабока духовност и голема понизност знаела да го преземе на себе страдањето на својот народ така што станала мајка на сиромашните. Нејзиниот посебен пример сведочи дека добриот евангелскиот живот е можен на секое место и во сите општествени услови.

Светиот Отец ја изрази својата близина со населението во Емилија погодени од поплава. На крајот посака добредојде на различните здруженија, групи и поединци кои во ова прилика се собрани на плоштадот Свети Петар и срдечно им заблагодари за нивната присутност, посебно осврнувајќи се на младите, членовите на Католичката акција од кои двајца по тој повод од прозорот на Апостолската палата ја прочитаа пораката, а во знак на мирот во лет пуштија два гулаби.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот