Папата Лав XIV: Вештачката интелигенција мора да му служи на човечкото достоинство и на мирот

Папата Лав XIV: Вештачката интелигенција мора да му служи на човечкото достоинство и на мирот

Папата Лав XIV повика развојот на вештачката интелигенција да биде воден од мудрост и милосрдие, така што технолошкиот напредок ќе му служи на достоинството на секој човек и ќе ги зајакнува врските во човечкото семејство.

Во свет обележан со конфликти и поделби, развојот на вештачката интелигенција мора да биде воден не само од техничко знаење, туку и од мудрост и милосрдие, така што технолошкиот напредок ќе може да му служи на човечкото достоинство и да ги зајакнува врските меѓу луѓето.

Ова е централната порака на папата Лав XIV до учесниците на првото издание на AI4Peace, меѓународен симпозиум посветен на можностите и предизвиците што ги носи вештачката интелигенција во спречувањето и решавањето конфликти, заштитата на човековите права и глобалното управување.

„Неговата Светост, папата Лав XIV, им упатува срдечни поздрави на сите собрани на AI4Peace, Глобалниот биенален симпозиум и меѓународна конференција“, се наведува во пораката.

Папата изрази надеж дека дискусиите ќе придонесат „за обновена и широко распространета посветеност технолошките иновации да се стават во служба на општото добро“.

Пораката ја прочита отец Андреа Чиучи, ректор на Папската академија за живот, за време на симпозиумот одржан на Папскиот латерански универзитет во Рим.

Вештачката интелигенција и достоинството на секој човек

Папата Лав XIV ја сместува дискусијата за вештачката интелигенција во контекст на свет погоден од конфликти и поделби.

Во такви околности, нагласува тој, технолошкиот развој не бара само стручност и технички знаења, туку и визија „вдахновена од мудрост и милосрдие“.

Целта треба да биде технолошкиот напредок „да му служи на достоинството на секој човек и да ги зајакнува врските што го обединуваат човечкото семејство“.

Папата потоа се осврна на својата енциклика Magnifica humanitas, потсетувајќи дека Божјиот „план на милосрдие продолжува да се остварува низ историјата и денес“ и дека тој „станува компас во дигиталната ера за да го живееме својот живот според Евангелието“ (бр. 230).

Вештачката интелигенција како инструмент на мирот

Папата Лав ги охрабри учесниците да размислуваат за начините на кои вештачката интелигенција може да придонесе за мирот, доколку нејзиниот развој и употреба се водени од грижа за доброто на другите.

Особено ги повика да истражат како вештачката интелигенција може „да поттикнува дијалог, помирување и солидарност меѓу народите“, така што плодовите на технолошките иновации ќе можат да станат „инструменти на мирот“.

Меѓународен симпозиум

Првото издание на AI4Peace – Глобален биенален симпозиум и меѓународна конференција започна во понеделник, 21 септември 2026 година, на Папскиот латерански универзитет во Рим.

На средбата учестуваат експерти и истражувачи кои ја разгледуваат улогата на вештачката интелигенција во градењето мир, спречувањето и решавањето конфликти, заштитата на човековите права и управувањето.

Папата ја заврши својата порака доверувајќи ја работата на учесниците на Бога и изразувајќи надеж дека нивните напори ќе донесат трајни плодови.

Тој ги увери и во своите молитви, со желба нивната работа да придонесе технологијата сè повеќе да биде ставена во служба на човекот, општото добро и мирот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот