Папата Фрањо во аудиенција го прими португалскиот премиер Антонио Луис Сантос да Коста

Папата Фрањо во аудиенција го прими португалскиот премиер Антонио Луис Сантос да Коста

Папата Фрањо во Ватикан го прими португалскиот премиер, кој потоа се сретна со државниот секретар кардинал Паролин и надбискупот Галагер. Светскиот ден на младите во Лисабон и посетата на Папата на Португалија, ситуацијата во Украина и феноменот на миграцијата беа теми на разговорот

Папата Фрањо на 28 септември 2023 година, во аудиенција го прими португалскиот премиер Антонио Луис Сантос да Коста, кој потоа се сретна со државниот секретар кардинал Пјетро Паролин и монсињор Пол Ричард Галагер, секретар за односи со држави и меѓународни организации.

Средба со кардиналот Паролин и надбискупот Галагер

За време на срдечните разговори во Државниот секретаријат – како што информираат од Канцеларијата за печат на Светиот Престол – беше изразено задоволство од успешната соработка при организацијата на Светскиот ден на младите и посетата на Неговата Светост на Португалија од 2 до 6 август 2023 година. Потоа, соговорниците се фокусираа на позитивниот придонес на Црквата за португалското општество во актуелниот општествено-политички контекст, а се осврнаа и на некои прашања од заеднички интерес.

Украина и миграцијата меѓу темите на разговорот

Во разговорот беа разменети мислења и за меѓународната ситуација, со посебно внимание на последиците од војната во Украина и феноменот на миграцијата – се посочува во соопштението на Канцеларијата за печат на Светиот Престол.

Размена на подароци

На крајот од аудиенцијата кај Светиот Отец, следуваше вообичаената размена на подароци. Папата Фрањо на португалскиот премиер му ја врачи овогодинешната порака за Светскиот ден на мирот; документи на понтификатот; книгата Statio Orbis од 27 март 2020 година, издадена од Издавачката куќа Ватикан; и бронзена скулптура „Маслинова гранка“. Подарокот на Антонио Луис Сантос да Коста на Папата беше албум со две симболични фотографии од Светскиот ден на младите во Лисабон.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот