Папата Лав XIV до Ватиканската опсерваторија: Црквата ја прегрнува науката за да Го открие Бога во созданието
Папата Лав XIV во понеделник, 11 мај 2026 година, одржа аудиенција со Одборот на Фондацијата на Ватиканската опсерваторија, нагласувајќи дека Католичката црква ја гледа „ригорозната, чесна наука“ како важен дел од својот идентитет и како пат за согледување на Божјото создание.
Во обраќањето, папата потсети дека папата Лав XIII ја обновил Ватиканската опсерваторија во 1891 година, во период кога науката често била претставувана како спротивставена на религијата. Лав XIII тогаш истакнал дека институцијата постои „за сите јасно да видат дека Црквата и нејзините пастири ја прифаќаат, ја охрабруваат и ја промовираат вистинската и цврста наука, било човечка било божествена, со најголема можна посветеност“.
Папата Лав XIV оцени дека денес и верата и науката се соочуваат со поинаков, подлабок предизвик: ширење ставови што го релативизираат поимот објективна вистина. Во тој контекст, тој нагласи дека и науката и Црквата укажуваат на „свечена одговорност“ за управувањето со планетата и за благосостојбата на луѓето, особено на најранливите, чии животи се доведуваат во ризик преку неодговорно искористување и на човекот и на природата.
Осврнувајќи се на астрономијата, папата рече дека луѓето го имаат Божјиот дар да гледаат со восхит кон сонцето, месечината и ѕвездите. Ноќното небо, додаде тој, претставува „ризница од убавина“ достапна и за богатите и за сиромашните и останува еден од последните навистина универзални извори на радост во поделен свет. „Размислувањето за небесата нè поканува да ги видиме нашите стравови и неуспеси во светлината на Божјата неизмерност“, рече папата.
Тој се осврна и на современата појава на светлосното загадување, кое го потиснува погледот кон небесните светлини, поради што ја истакна важноста на мисијата на Ватиканската опсерваторија.
Папата потсети дека Фондацијата на Ватиканската опсерваторија ги поддржува студентите преку летни школи и работилници по астрономија, со што придонесува телескопите на опсерваторијата да останат „места каде што славата на Божјото создание се среќава со почит, длабочина и радост“.
На крајот, папата Лав XIV ги повика верниците да ја имаат пред очи основната вистина на христијанската вера, Воплотувањето: Бог се објавува преку Создавањето и го испраќа Својот Единороден Син за искупување на светот. „Гладот за поцелосно разбирање на Создавањето“, рече тој, „е одраз на немирната копнеж по Бога што живее во срцето на секоја човечка душа“.
Ватикан њуз/к.мк

