Папата: Исус е единствената смисла на животот

Кога го навестуваме Евангелието на Исус Христос „лебот на животот“, ние го заситуваме духовниот и материјалниот глад на нашите браќа. Ова го истакна папата Фрањо во размислувањето пред Ангелов Господов во недела 2 август на плоштадот свети Петар.

Папата потсети и на литургискиот празник на „Опростот од Асизи“, кој Католичката црква го слави на 2 август, истакнувајќи дека „срамот“, кој го чувствуваме при исповедта „е благодат, што нѐ подготвува за прегратката на милосрдниот Отец“.

Христијанинот, посочи Папата, „треба да излезе надвор од рамките на задоволството од личните материјални потреби и треба да го надмине духовното слепило, за да ја бара и прифати храната на вечниот живот, дарувана од „Синот Човечки“. Навраќајќи се на неделниот извадок од евангелието по Иван, кое зборува за народот, кој по умножувањето на лебовите и рибите, го бара Исус и го наоѓа во Капернаум, Папата повика да Го сретнеме и прифатиме во нас Исус, лебот на животот, кој дава смисла и надеж по често потешкиот пат на нашето постоење“.

„Овој леб на животот ни е даден заедно со задача да го засити духовниот и материјалниот глад на браќата, навестувајќи го насекаде Евангелието. Со сведоштвото на нашиот братски и солидарен однос кон ближниот, ние правиме Христос и Неговата љубов да бидат присутни меѓу луѓето“.

Светиот Отец потсети дека „Евхаристијата е најголемиот дар, што ја заситува душата и телото, бидејќи овој леб, раскршен за многумина од Христа е израз на Неговата љубов“.

Оттука и повикот на Папата да се бара спасението и средбата со Бог. „Господ бара од нас да разбереме дека освен физичкиот глад, човекот носи во себе еден поважен глад, оној за живот и вечност, кој само Бог може да го задоволи“:

„Исус не ја отстранува загриженоста и побарувачката за секојдневната храна, не ја отстранува загриженоста за сето она што може да го направи животот понапреден. Исус нѐ потсетува дека вистинското значење на нашето земно постоење е во вечноста, во средбата со Него, кој е дар и дарител. Нѐ потсетува дека нашата човечка историја, со своите страдања и радости, треба да биде видена од перспективата на вечноста, т.е во перспективата на конечната средба со Него“.

Таа средба, продолжи папата Фрањо, ги озрачува сите денови од нашиот живот”:

„Ако мислиме на оваа средба, на овој голем дар, малите дарови во животот, дури и страдањата и загриженоста, ќе бидат просветлени од надежта за таа средба“.

Папата Фрањо посака Пресветата Дева Марија да нѐ поддржува во потрагата и следењето на нејзиниот Син Исус, „вистински леб, кој е нераспадлив и трае за вечен живот“.

По молитвата Ангел Господов, папата Фрањо потсети на литургискиот празник на Дева Марија на Ангелите, познат како „Опрост од Асизи, кој се слави на 2 август. „Овој празник – рече Папата – нѐ повикува да се приближиме до Господ во Таинството на милосрдието и преку Причеста”.

„Има луѓе кои се плашат од исповедта, заборавајќи дека таму нема да се сретнеме со суров суд, туку со бескрајно милосрдниот Отец. Точно е дека кога одиме да се исповедаме, чувствуваме срам. Тоа може да ни се случи на сите нас, но не смееме да заборавиме дека истиот тој срам е благодат, кој нѐ подготвува за прегратката на Отецот, кој секогаш простува сè“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот