Светиот Отец будно ја следи веста за трагичниот пожар и експлозија во складиштето за нафта во Матанзас, Куба, во која животот го загуби најмалку едно лице, а повеќе од стотина се повредени. Во моментов има 17 исчезнати лица.
Во телеграма со сочувство до претседателот на Кубанската бискупска конференција и бискупот од Холгин, монс. Емилио Арангурен Ечеверија, папата Фрањо му вети духовна близина со кубанскиот народ и со сите семејства на погодените лица.
Пораката, потпишана од државниот секретар на Папата, кардинал Пиетро Паролин, заврши со молитва Господ да им даде сила на погодените во овие моменти на болка и да ги поддржи напорите за гаснење на пожарите и потрагата по исчезнатите. Папата Фрањо го упати својот апостолски благослов како залог на надеж во Воскреснатиот Христос.
Гром удрил во еден од резервоарите на складиштето во петокот. Во моментов од пожар се зафатени две складишта, со капацитет од 50.000 кубни метри. Околу 1.900 луѓе се евакуирани од областа на катастрофата во предградието на Матанзас, град на околу сто километри источно од главниот град Хавана.
Ризикот од ширење на пожарот и понатаму е голем, а од вчера тимови експерти од Мексико и Венецуела им се придружија на локалните спасувачи. Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел се заблагодари за помошта добиени од САД, Русија и соседните земји.
Ватикан њуз/к.мк