Папата на Молитвената осмина за единство на христијаните: Делете ги меѓусебно добиените дарови

Папата на Молитвената осмина за единство на христијаните: Делете ги меѓусебно добиените дарови

Папата Фрањо продолжува заедно со православните и англиканските претставници да се ангажира за единство на христијаните

Заедничка молитва пред земските останки на свети Павле, апостолот на народите, е симбол за единство за кое папата Фрањо продолжува да се ангажира заедно со православните и англиканските претставници. На 18 јануари 2019 година Молитвената осмина за единство на христијаните во базиликата Свети Павле надвор од ѕидините со Вечерна молитва ја отвори папата Фрањо. Минатата година Папата го предводеше затворањето на оваа молитвена иницијатива, но затоа што оваа година се поклопува со Светскиот ден на млади во Панама, одлучено е да го предводи отворањето.

Во пригодната проповед Светиот Отец се обрати до верниците и претставниците на другите Цркви присутни во Рим, и се осврна на темата на Молитвената осмина, која ја избра Црквата во Индознезија, посебно ја истакна загриженоста за економскиот раст на земјата, кој е поттикнуван од логиката на конкуренција, што остава многу сиромаштво, дозволувајќи само на некои да се збогатат. Папата уште еднаш предупреди кога општеството повеќе ја нема како темел солидарноста и општото добро, сведоци сме како луѓето живеат во голема беда покрај облакодерите, хотелите и раскошните трговски центри. Забораваме на мудроста од Мојсеевиот закон според кој, ако богатството не е поделено меѓусебно, доаѓа до општествени поделби.

Тежок грев е да се омаловажува или да се презираат даровите кои Господ ги дава на другите браќа, верувајќи дека тие се помалку мили на Бог – рече Папата и напомена: Ако имаме слични мисли, дозволуваме таа иста милост да стане извор на ароганција, неправда и поделба. Тогаш како ќе влеземе во ветеното Царство? Понизноста ни помага да препознаеме дека добиениот благослов не е наше право, туку дар и дека ни се дадени како би ги поделиле со другите. Само на тој начин христијанскиот народ, обновен и збогатен со таа размена на дарови, ќе биде способен народ и цврсто и со доверба ќе оди по патот кој води до единство.

На крајот од Вечерната молитва кардинал Курт Кох, претседател на Папскиот совет за промовирање на единство на христијаните, се заблагодари на Светиот Отец за тоа што го предводеше ова славење, и истакна дека со ова само го потврдува своето уверување дека екуменскиот напор го обновува на христијаните патот за единство, по кој треба да се оди само напред, а не наназад.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот