Папата до порториканските епископи: Половата идеологија ја става во опасност убавината на бракот

Убавината на бракот е загрозена од половата идеологијата. Тоа беше предупредувањето на папата Фрањо за време на аудиенцијата со епископите од Порто Рико, кои ги прими за време на нивната редовна посета „ад лимина“ во Ватикан.

Папата ја повика целата Црква „секогаш да се дистанцира“ од идеологиите и политичките трендови, а црковните пастири да живеат во заедница и заедно да се соочуваат со актуелните проблеми.

Светата тајна брак е едно од „највредните богатства за латиноамериканските народи и затоа треба да се брани“, потсетува Папата во својот говор пред епископите од Порто Рико. Неопходно е да се зајакне пасторалната работа со семејствата земајќи ги во предвид „сериозните социјални проблеми“, кои будат тревога: „тешката економска ситуација, емиграцијата, семејното насилство, невработеноста, дрогата и корупцијата“.

„Взаемното надополнување меѓу мажот и жената која претставува врв на Божјото создание, е загрозена од половата идеологија, во името на едно слободно и праведно општество“, пишува Папата. Всушност, „разликите меѓу мажот и жената не служат за спротивставување или потчинување, туку за заедништво и создавањето на генерација, секогаш според Божјиот лик и сличност“. „Без взаемниот придонес, никој од двајцата не би можел да биде разбран во неговата длабочина“.

Папата ги повика епископите да се дистанцираат од идеологизираните и политичките трендови. „Поради суштината на својата мисија, Црквата не е поврзана со ниеден политички систем, за да може секогаш да биде знак и чувар на трансцедентниот карактер на човечката личност“, рече Папата цитирајќи го Вториот Ватикански собор.

Папата Фрањо ги повика епископите од Порто Рико да внимаваат на „постојаното формирање“, наведувајќи ја конкретната соработка со „здруженијата, движењата и воспитните институции. „За да има една Црква добри пастири – заврши Папата – треба да се грижи за звањата, почнувајќи од семинаристите“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот