Папата до младите во Кастелпетросо: Исус повикува да го следиме, не за да нѐ искористи, не за да нѐ зароби, туку за да нѐ ослободи

 Не се откажувајте од големите и трајни работи во својот живот, не се задоволувајте со мали цели, рече папата Фрањо на младите, со кои се сретна на 5 јули 2014 за време на својата посета на регионот Молизе. Светиот Отец ги поттикна младите да живеат во трајно партнерство. На средбата со Папата во светилиштето Кастелпетросо се собраа околу 10.000 млади, како и ходочасници од покраините Молизе и Абрузо.

Во својот говор Светиот Отец се изјасни против „културата на привременост“, која не води до формирање на стабилен живот, втемелен на „карпа од љубов и одговорост“, туку на живот изграден врз „песок од емоции“. Таквата култура води до индивидуализам, кој става сѐ во прашање и води до површински став кон преземањето на одговорноста. Но човечкото срце тежнее кон поголеми, поважни вредности, подлабоко пријателство и односи кои се зајакнуваат во тешкотиите и не се кршат, истакна Светиот Отец.

Во својот говор папата Фрањо истакна дека луѓето тежнеат да љубат и да бидат љубени. Ги поттикна младите да тежнеат кон среќата и да имаат храброст да појдат со Христос кон иднината. Исус повикува да го следиме, не за да нѐ искористи, не за да нѐ зароби, туку за да нѐ ослободи, им порача Светиот Отец на насобраните млади и повторно ја осуди невработеноста, од која посебно се погодени младите.

По средбата со младите Папата се упати во затворот Исернија на средба со затворениците и вработението во него.

РВ/го*ко

Категорија: Ватикан

За авторот