Папата ги прими на аудиенција претставниците на Унијата на поглавари на монашките заедници во Италија
Папата Фрањо, во четврток 7 ноември, ги прими учесниците на средбата од Италјанската конференција на поглаварите на монашките заедници. Споделувајќи со нив неколку мисли за нивната мисија, Папата истакна како автентичното сведоштво на животот ги привлекува луѓето, затоа што во него препознаваат нешто што е над хоризонтот на светот. Монасите и монахињите се повикани да дадат пророчко сведоштво, што значи да се биде свет. Вистинското сведоштво не е идеолошко, не ја следи модата, туку тоа е секогаш знак на противречност, како Исус – рече Папата.
Да се живее во сигурност на верата, Бог да направи да расте Царството небесно, неопходно е покајание, молитва и обожавање, како и посветеност на светиот Божји народ кој живее на периферијата на историјата – рече Папата. Говорејќи за харизмите на монасите, истакна како секоја харизма, за да би живеела и да би била плодна, повикана е да се децентрализира, бидејќи во центарот е само Исус Христос. Харизмата не се чува како шише за дестилирана вода, туку храбро се настојува да биде плодоносна, соочувајќи се со сегашната реалност, со културата, со историјата – истакна папата Фрањо.
Монашкиот живот исто така е повикан да даде знак на братскиот соживот во денешната индивидуалистичка култура. Оваа култура го нагризува општеството, тргнувајќи од неговите основни клетки, семејството. Во таа смисла – истакна Папата – посветениот живот може да даде сведоштво дека можно е да се живее братски и во различностите. А кога ќе се згреши – а сите грешиме бидејќи сме сите грешници – се бара и се дава опрост. Тоа сведоштво е важно како за Црквата, така и за целото општество – рече папата Фрањо.
Меѓутоа тоа братство – вели понатаму Светиот Отец – го претпоставува татковството Божјо, како и мајчинството на Црквата, како и на Дева Марија. Ние треба секој ден да се потсетуваме на тие односи, а тоа можеме да го правиме со молитвата, евхаристијата, обожавањето, светата Бројаница. На тој начин се ставаме во веродостоен однос со Отецот кој е на небесата и со нашата хиерархијска Света мајка Црква и мајка Марија. Со тоа постигнуваме веродостојно братство кое привлекува.
На крајот од своето обраќање, Папата ги охрабри поглаварите на редовничките заедници во нивната мисија и побара од Господ благослов за нив и сите нивни заедници – посебно за оние кои се најсиромашни и кои најмногу страдаат.
РВ/З.А.