Папата моли за мир во Кавказ

Папата моли за мир во Кавказ

На крајот од пладневниот говор во недела 27 септември 2020 година папата Фрањо своите мисли и молитви ги упати за мир во Кавказ. Го спомна и денешниот Светски ден на бегалци и мигранти.

„Драги браќа и сестри!

До нас стигнуваат загрижувачки вести за конфликт на подрачјето на Кавказ. Молам за мир во Кавказ и молам спротивставените страни да направат конкретен гест на добра волја и братство, кои можат да доведат до решавање на проблемот, не со примена на сила и употреба на оружје, туку со дијалог и преговори. Да се помолиме заедно, во тишина, за мир во Кавказ.

Вчера во Наполи за блажена е прогласена блажена Марија Луџија од Пресветиот Сакрамент, со световно име Марија Велоти, основателка на заедницата Сестри Фрањевки на Светиот Крст. Му благодариме на Бог за таа нова блаженица, која била пример на контемплација на таинствата од Голгота и неуморна во правењето дела на љубов.

Денес Црквата го слави Светскиот ден на мигранти и бегалци. Ги поздравувам бегалците и мигрантите присутни на плоштадот околу споменикот на мигранти кој го благословив пред една година. Оваа година одлучив својата порака да ја посветам на прогонетите кои се принудени на бегство, како што тоа се случило со Исус и неговото семејство. „Како Исус се принудени да бегаат“, така тоа го прават и раселените, мигрантите. Поздрав и молитва упатувам посебно за нив и оние кои им помагаат.

Воедно денес се слави и Светскиот ден на туризмот. Пандемијата многу го погоди тој сектор, кој е посебно важен за многу земји. Својот поттик го упатувам до сите кои се занимаваат со туризам, посебно малите семејни претпријатија и младите. Се надевам дека наскоро сите ќе се оправат од моменталните тешкотии.“

Папата упати посебни мисли до жените и сите кои се ангажираат во борбата против ракот на дојка. Господ нека ја помогне вашата работа – додаде на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот