Папата во Торино: Да не ја заборавиме големата Божја љубов

Во проповедта на светата Литургија на плоштадот Виторио, Папата ја опиша Божјата љубов кон луѓето, како што е прикажана во читањата од денот: верна љубов, љубов која создава сè од ново, стабилна и сигурна љубов.

Божјата љубов е верна, „таа е љубов која не разочарува и која никогаш не престанува. Исус ја овоплоти таа љубов, нејзин Сведок е. Тој никогаш не се изморува љубејќи нè, поднесувајќи нè и простувајќи ни и така нè следи на патот на животот.“ „Од љубов стана човек, од љубов умре и воскресна, од љубов секогаш е со нас, во убавите и тешките моменти. Исус секогаш нè љуби до крај, без граници и мерки.“ „Исус останува верен и кога ќе згрешиме нè чека за да ни прости: Тој е лицето на милосрдниот Отец“ – рече Папата.

Божјата љубов е љубов која сè од ново создава, т.е. „сè прави ново“, која поттикнува на признавање на сопствените ограничувања и слабости.“ „Тие се вратите кои се отвораат за Исусовото простување“, „спасението може да влезе во срцето тогаш кога ние ќе се отвориме за вистината и ги признаеме своите грешки и гревови“, на тој начин Божјата љубов нè прави „нови“, способни според зборовите на Папата, за „соблекување на истрошената и старата облека на омраза и непријателства и облекување на чистата облека на благост, добрина, служење на другите и мир во срцето.“

Божјата љубов е стабилна и сигурна љубов, бидејќи е силна како карпата „за која секој може да се фати, сигурен дека нема да падне. Колку пати чувствуваме дека не можеме понатаму! Но, Тој е со нас со испружени раце и отворено срце.“ Како што рече Светиот Отец, жителите на Пиемонт знаат „што значи да се биде карпа, што значи цврстина“. За тоа сведочи и торинскиот поет Нино Коста во стиховите од песната „Раса Нострана“ во кои ја опишува цврстината на своите сожители.

Меѓутоа често се случува да ја заборавиме големата љубов која Бог ја има кон нас „и лесно дозволуваме да нè парализираат стравовите од иднината и барањето сигурност во минливите работи или во моделот на затворено општество кое повеќе исклучува отколку што вклучува.“ Но, според примерот на оние кои ја ширеле Божјата љубов во светот можно е „да се живее радоста на Евангелието практицирајќи милосрдие,“, „да се дели тешкотијата на многу луѓе, семејства, посебно оние најслабите и обележаните со економската криза. Семејствата имаат потреба да ја почувствуваат мајчинската нежност на Црквата за да истрајат во својот брачен живот, во воспитанието на децата, во грижата за старите како и во пренесувањето на верата на младите генерации.“

Со помош на Светиот Дух – рече на крајот папата Фрањо – можно е да се посветиш на Божјата љубов која е како „карпа“ која нè прави стабилни и силни во малите и големите страдања, за да не се затвориме пред тешкотиите и храбро да се впуштиме во животот гледајќи ја иднината со полна надеж.“

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот