Папата е свесен, буден и се шегува по операцијата

Папата е свесен, буден и се шегува по операцијата

Хирургот кој го оперираше папата Фрањо во средата попладне, за новинарите изјави дека операцијата поминала без компликации и дека Папата е буден и расположен.

„Светиот Отец е добро, тој е свесен, буден и веќе се пошегува со мене!

Докторот Серџо Алфиери, хирургот кој го оперира папата Фрањо во римската болница Гемели во средата попладне, 7 јуни 2023 година изјави за новинарите дека операцијата поминала без компликации и дека се очекува Папата целосно да закрепне во вообичаената временска рамка за таква интервенција.

Тој потврди дека планираната хируршка процедура за отстранување на инцизионална лапароцела (хернија) предизвикана како последици од старите операции не била итна операција.

Не е итен случај

„Да беше итен случај, ќе интервениравме вчера кога тој дојде во болница на закажаното КАТ скенирање“, рече тој.

Д-р Алфиери објасни дека лапароцелата предизвикувала се почести болки, па затоа медицинскиот тим на Папата одлучил да ја закаже операцијата.

„Најдовме неколку силни адхезии (внатрешни лузни) помеѓу некои делумно затрупани средноинтестинални јамки и париеталниот перитонеум, кои ги придизивкува горенаведените симптоми“, рече тој.

Хирургот објасни дека адхезиите биле отстранети и хернијалниот проблем бил саниран со „пластична операција на абдоминалниот ѕид со помош на протетска мрежа“.

Без компликации

„Операцијата и општата анестезија поминаа без компликации“, рече д-р Алфиери, повторувајќи дека Светиот Отец добро реагирал.

Одговарајќи на прашања поставени од новинарите присутни на брифингот, д-р Алфиери рече дека за таква операција обично се потребни околу седум дена во болница за закрепнување.

Тој истакна дека поради возраста на папата Фрањо „ќе ги преземеме сите мерки на претпазливост“ и во наредните денови ќе одлучиме што ќе преземеме за неговото закрепнување по операцијата.

Матео Бруни, директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, кој го координираше брифингот, ја потврди претходната најава дека сите аудиенции на Папата ќе бидат откажано до 18 јуни.

Д-р Алфиери повтори дека и при оваа постапка и во последната, во 2021 година, не е пронајдено ништо малигно, ниту пак се откриени други патологии или заболувања.

Благодареност на болничкиот персонал

Алфиери, кој е истиот хирург кој го оперираше папата Фрањо поради симптоматска дивертикуларна стеноза на дебелото црево во јули 2021 година, изјави дека „Светиот Отец никогаш немал проблем“ со општа анестезија, „ниту денес ниту пред 2 години; нема проблем во никој случај“.

Хирургот го заврши брифингот поддржувајќи ја работата на целиот персонал на болницата Гемели, на кои им се заблагодари за нивната посветеност, професионалност и напорна работа.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот