Папата во Асизи: љубовта и нежноста кон лицата со потреба ни помога да растеме во човекољубието
Папата Фрањо на 4 октомври наутро ја започна својата пасторална посета на Асизи по повод прославата на празникот на заштитникот на Италија свети Фрањо. Светиот Отец во родниот град на Фрањо Асишки допатува во 7.30 часот со хеликоптер, петнаесет минути порано од планираното време.
Хеликоптерот со Папата слета на спортскиот камп во центарот за рехабилитација Институт Серафико каде го дочекаа претседателот на италијанскиот Сенат Пиеро Грасо, како и претседателот на Регионот Умбрија Катиуша Марини. Првата средба на Папата во склоп на посетата на Асизи беше со деца кои имаат потешкотии во развојот како и со болни лица. Папата беше видливо трогнат од средбата со децата. Ние сме помеѓу Христовите рани, рече Папата коментирајќи го поздравот на претседателот на Институтот Франческа Маоле. Тргнувајќи го настрана напишаниот текст, на присутните им се обрати со спонтани зборови.
Тие рани, продолжи Папата, треба да се слушаат, треба да се препознаваат. Се потсетувам на Господ Исус Христос кога патуваше со оние двајца натажени ученици. Господ Исус на крајот им ги покажа своите рани и тие го препознаа… Исус е скриен во овие млади, во овие деца, во овие лица. На олтарот му се поклонуваме на Исусовото Тело, во него ги наоѓаме Исусовите рани. Исус сокриен во Евхаристијата и Исус сокриен во тие рани….
Треба да ги слушаме. Можеби не толку во весниците, како вести… Тоа е слушање кое трае еден, два три дена, а потоа доаѓаат други, па повторно други… Требаат да ги слушаат оние кои за себе велат дека се христијани. Христијанинот, додава Папата, му се поклонува на Исус; христијанинот го бара Исуса; христијанинот ќе ги препознае Исусовите рани. И денес сите ние овде имаме потреба да речеме: Тие рани треба да се слушаат! Но има уште нешто што ни дава надеж.
Исус е присутен во Евхаристијата, тука е Исусовото Тело; Исус е присутен меѓу нас: а Исусовото Тело се раните во овие лица. Но, интересно е, додаде Папата, тоа дека Исус кога воскреснал бил преубав. На своето тело немал модринки, повреди… Ништо! Бил преубав! Сакал само да ги сочува белезите од раните, носејќи ги со себе на небото. Исусовите рани се овде и тие се на небото пред Отецот. Ние ги лечиме Исусовите рани тука и Тој, од небото, ни ги покажува своите рани и ни говори на сите нас: „Те чекам! Така нека биде.“
Пред да го напушти институтот, Папата го упати својот поздрав: „Многу ви благодарам… и молете за сите деца, млади лица кои се тука, за сите оние кои тука работат. За нив!… Господ нека ве благослови! Молете и за мене! Но, молете секогаш за, а не поротив… Господ да ве благослови!“
Во подготвениот, а непрочитан говор Папата истакна како денешното општество е затруено од културата на “отфрлање“, која е во спротивност со културата на прифаќање. А жртвите на културата на отфрлање се најслабите, најкревките. Меѓутоа, во оваа институција на дело ја гледам културата на прифаќање. Сигурно дека и тука не е се совршено, но заеднички се соработува за достоинствен живот на лицата со сериозни потешкотии… Лицата кои се наоѓаат во најнеповолна положба треба да се стават во средиштето на општественото и политичкото внимание! Понекогаш семејствата се оставаат самите да се грижат за нив. Што да се прави? Од ова место во кое се гледа опипливата љубов, им порачувам на сите: да ги зголемиме делата на културата на прифаќањето, дела вдахновени пред сѐ со длабока христијанска љубов, љубов кон Христос Распнатиот, Христовото тело, дела во кои се обединуваат професионалноста, стручната и праведно платената работа, со волонтерството, тоа драгоцено богатство. Да се служи со љубов и нежност на лицата на кои им е потребна помош ни помага да растеме во човекољубието, затоа што тие се вистинското богаство на човештвото, се истакнува во напишаниот говор на Папата.
Превод: Е.А.