Подготовките за патувањето веќе биле договорени. Секој петок имало параброд од Џенова за Солун. Особени грижи околу патувањето вложиле сестра Виченца Пучи, началничката на Милосрдните сестри во Торино, како и сестрата Елисавета Пучи, началничка на истите сестри во Солун. Духовникот на Еврозија претходно предупредувајќи го вујкото за ова заминување, ја повикал за да ѝ даде благослов и согласност. Мајката на Еврозија, исто така, била предупредена да ја прифати оваа голема жртва. Останал уште таткото да даде согласност. Со оваа мисија се зафатил преподобниот отец Џакарди.
Еврозија со голема мака го добила одобрението на татка си речиси еден месец пред своето заминување за Македонија. Доказ за ова е следното писмо, кое таа му го напишала на својот брат Мелхиор со датум од 6 јануари 1888 година. Во писмото, меѓу другото, се вели: „Денес на мојот мил татко му ја соопштив веста за моето заминување. Тој спокојно ми ја даде својата согласност. Моли се за него и за Франческо, Бог да им даде сила, да им помогне широкоградо да ја поднесат жртвата на разделбата и гледај ако можеш на 3 февруари да бидеш тука за да ги утешиш”. Најпосле дојде толку многу очекуваниот ден 3 февруари. Уште рано наутро Еврозија, во придружба на својата сестра Наталија, оди на света Литургија во црквата Тело Христово каде што за последен пат се причестува. Од црквата таа веднаш се вратила дома и влегла во собата на своите родители. Трогателен бил мигот кога Еврозија паднала на колена и го барала благословот на татка си и мајка си, како и на својот вујко, дон Кико. Сите плачеле, само Еврозија била спокојна и љубезно се збогувала. По збогувањето, со насмевка на устата се упатила на станицата каде сестра Виченца Пучи ја чекала за да замине заедно со неа до Џенова. Во големиот пристаништен град тие пристигнале попладне и чекале до 17 часот за да се качат на бродот кој требало да ги однесе во Солун. На пристаништето, таа забележала група милосрдни сестри кои ја испраќале госпоѓицата Кончета, назначена за учителка во тамошниот пансион. Еврозија и Кончета набрзо се спријателиле и го оставиле багажот во кабината. Потоа излегле на палубата со очите свртени кон брегот, каде што стоеле Милосрдните сестри и чекале бродот да тргне. Точно во 18 часот се огласила сирена и бродот тргнал кон југ. Бродот почнал да забрзува сè повеќе, а Џенова сè помалку се гледала во очите на двете сопатнички.
Еврозија и Кончета се тргнале настрана и ги размениле своите мисли за идната мисија. – Кажете ми – ја прашала Кончета – зошто го оставивте овој убав и мил град со вашите родители и богатства, за да заминете во еден далечен град? Впрочем, Вие не сте како мене сиромашна и напуштена, јас одам во Солун за да работам во училиштето кај познатите сестри. – Мила Кончета – одговорила Еврозија – јас одам кај познати. Таму е мојот мил брат Јосиф, кој е свештеник мисионер. Тој ме повика за да му помогнам во неговата мисија. – Но, со што ќе му помагате? Да не е задолжен да им помага на Италијанците во Солун? – Не, драга Кончета, нему му е доверена мисија да се грижи за духовното спасение на Македонците. – Навистина? Дали вашиот брат го знае јазикот на тамошното население? – Да, знае, тој ми напиша писмо дека и мене ќе ме подучува за да го научам и јас. – Знам, ние нема да бидеме заедно? – Ние ќе поминеме заедно една година, додека не го научам македонскиот јазик. Додека двете сопатнички така разговарале им се приближил еден морнар и им соопштил дека вечерата е готова. Во трпезаријата биле само капетанот, лекарот и неколку офицери. Еврозија и Кончета набрзина вечерале и отишле во кабината, бидејќи биле многу изморени, па легнале да спијат. Бродот пловел меѓу Корзика и Италија; морето било многу разбрането, а Кончета која не била свикната да патува со брод ја фатила морска болест. Еврозија станала, се облекла и почнала да ѝ помага на својата пријателка, советувајќи ја да лежи.
Потоа ја оставила Кончета да се одмора, а самата излегла надвор на палубата за да си ја каже утринската молитва. На исток сонцето веќе изгреало, како голем огнен јазик на хоризонтот, бродот пловел по силните води на Тиренското Море; морските птици летале во близината. Речиси сама на палубата, Еврозија ја почувствувала убавината на природата и го отворила молитвеникот за да ги упати кон Бога своите први молитви. Прелистувајќи ги страниците, таа видела една мала тетратка од 16 страници, напишани со ситен и јасен ракопис на својот брат Јосиф. Во листовите било напишано, односно толкувано објаснувањето на химната „Мојата душа Го велича Господа” (Лк. 1.46-55) напишана од отец Јосиф за приватна употреба. Еврозија со голема страст го прочитала толкувањето на Мариината песна којашто ѝ оставила силен впечаток, поради што во целиот нејзин живот оваа тетратка ѝ била најсаканото четиво. Таа во неа ја открива целата програма на својот живот во службата на Бога. Секој збор од тоа толкување длабоко се запечатил во нејзината душа, бидејќи таа отсекогаш била посебно наклонета кон Пресвета Богородица која ја чувствувала како своја Мајка.
Мојата душа Го велича Господа Малата тетратка станала најсаканото богатство за душата на Еврозија. Таа е зачувана како документ за духовното усовршување на оваа богоизбрана душа. Нема да биде неважно овде да го запишеме ова толкување кое одиграло толку голема улога во животот на идната сестра, Основачка на монашката заедница на сестрите Евхаристинки. И рече Марија: „Мојата душа го велича Господа”. Нека го возвеличи душата моја Господа. Да, душо моја, должна си да го возвеличиш. Еве ја целта за која си создадена од Бога. Ти си должна да го возвеличиш со својот ум, барајќи повеќе да го спознаеш, преку живата вера, верувајќи во сите вистини кои Тој ги открил преку црквата. – Ти си должна да го возвишиш преку својата љубов која треба да биде чиста и безгрешна. – Ти си должна да го возвеличиш преку својата служба за Него во секој миг готова да ја исполниш неговата пресвета волја. – Ти си должна да го возвеличиш преку своето звање, кое треба да биде постојано во службата на Господа. – Всушност, така нека го возвеличи мојата душа Бога. И мој дух се зарадува во Бога, Спасителот мој. – Ако ти душо моја, го возвеличиш Господа со твојот ум, со твојата љубов и со твоето звање – ти самата ќе се зарадуваш со онаа иста радост, која ја исполни душата на Марија, кога ги произнесе овие зборови. Таква е радоста на оние души, кои му се посветуваат на Господа со умот, со љубовта и со својата служба. Нивната радост не прилега на земната, чија цел се само материјални нешта, т.е. суштества, а се однесува на Бога, кој е почеток и крај на секоја радост. Всушност што е мојата душа која се зарадува во Бога, и кој е тој Бог? Мојата душа, спасена од самиот Бог, се зарадува во Него, бидејќи Тој е нејзиниот Спасител. Бидејќи Тој милостиво погледна врз понизноста на слугинката своја; и еве отсега ќе ме нарекуваат блажена сите поколенија. – Бог погледна на Марииното смирение и ја ослободи од понижението во кое беше како суштество, – и ја крена до највисокото стапало по Бога кога ја удостои да стане Мајка на Бога. Затоа поради оваа единствена и исклучителна привилегија, Марија потврдува дека ќе ја наречат блажена сите народи, бидејќи таа е единствена која ја најде благодатта пред Бога. Таа нема да се предаде на никакво друго суштество на земјата. Душо моја, Бог погледна и на твоето смирение. Иако тој не те издигна до височината до која беше крената Марија, сепак те награди да му бидеш премила невеста, штом си му се посветила целосно нему. Радувај се, душо моја, во твојот Спасител, бидејќи погледна на твоето смирение и многу те крена. Да, целосно биди само Исусова, душо моја, живеј, диши, страдај и умирај само за него, сакај и стори сите да го сакаат Исуса. И сите поколенија ќе те почитуваат, бидејќи заедно со Марија ќе го најдеш вистинското блаженство кое е самиот Бог. Силниот ми направи големи дела и свето е Неговото име. Големи и бескрајни биле добрите дела кои Бог ги покажал на Марија. Затоа, таа со право, изјавува, дека силниот во неа направил големо дело. Бидејќи, само Бог, кој е семоќен, може да го направи ова во Марија. Со длабока почит и благодарност таа се зарадувала во својата душа. Како Марија и јас треба да се радувам, бидејќи Бог погледна на смиреноста на мојата душа, која е негова слугинка и во неа изврши големо дело. Да, ќе повторувам заедно со Марија: свето е неговото име; свето е името на мојот Бог, на мојот пресладок Исус! Секогаш во моето срце и во мојата душа ќе го носам тоа преслатко име, кое причинувало најголема наслада на Марија. Јас ќе се трудам ова да го направам, да го запознаат и да го сакаат тоа преслатко име сите кои сè уште не го познаваат и не го сакаат! И милоста Негова е од колено на колено за оние, кои се плашат од него. Божјата милост, која оди од колено на колено за тие, кои од Него се плашат не е широка само како морето и безгранична како вселената, туку е уште и бескрајна како Бога. Таа се простира до последниот од човечкиот род, зошто насекаде има Божји чеда, кои се плашат од него. Душо моја, ако сè уште не си меѓу оние кои го сакаат Бога, кои живеаат само од неговата љубов, биди барем меѓу оние кое се плашат од него, кои живеат со светиот страв Божји. Тој покажа сила со раката Своја; ги распрсна оние, што се гордеат со мислите во срцата свои. Бог не би можел да изврши поголемо дело од откупувањето на човекот, бидејќи навистина тоа е дело на Божјата сила, т.е. на самата сила и крепост Божја. Тој моќно ги распрсна горделивите во нивното срце. Со смиреноста и понижувањата на својот Единороден Син кој станал човек и жртва за луѓето, Бог Отецот го победи кнезот на овој свет и другите непокорни духови, кои беа возгордеани и кажаа во своите срца: Ние сме богови, затоа ние не сакаме Бог да царува над нас. На тој начин, Бог нè ослободи од ропството на ѓаволот и нè направи свои чеда и наследници на вечното Небесно Царство. Затоа, величај Го, душо моја, Твојот добар Отец небесен, Кој за Спасител ти го даде својот син, Исус Христос. Ги симна силните од престолот, а ги воздигна смирените. По првородениот грев, кога сатаната стана цар на земјата, царуваше горделивоста и високомерноста кои ја сочинуваат сета сила на кнезовите од овој свет. Но Исус, гонејќи ги со своето смирение горделивите, т.е. сатаната и неговите слуги, ги симна силните од престолите. Затоа Исус, зашто е Цар на смиреноста ги возвеличи понизните, при што ги направи да царуваат со него. Марија е Царица на овие смирени души, бидејќи таа е првата која Исус ја воскренал на највисоко достоинство, а по неа го кренал нејзиниот свршеник Јосиф, апостолите и безбројното мноштво светци, бидејќи беа смирени, беа кренати за славата на Бога. Гладните ги исполни со добра, а богатите ги отпушти празни. Исус Христос дојде на земјата, за да го проповеда сиромаштвото т.е. ослободувањето од себеси и од сите нешта: затоа Исус се роди како сиромашен и лишен од сè. Тие кои се ослободуваат од себеси и од светот, а за кои светот мисли дека се лишени од сè, Исус ги обдарува со блага т.е. со седумте дарови на Светиот Дух, кои се: страв Божји, набожност, совест, сила, наука, разум и мудрост. Тој им дарува духовна радост, мир во срцето, Божјо пријателство и вечно царување со Бога што го надминува секое друго богатство, бидејќи ова е почеток, извор и содржина на секое блаженство. Оние пак, за кои светот мисли дека се богати, зашто поседуваат материјални нешта, чест и слава, од Исус Христос биле испратени со празни раце, т.е. лишени од неговата благодат. Го прифати Израилот, Својот слуга, сеќавајќи се на милоста. Израил, значи Божји народ; со ова име се нарекува секој кој му припаѓа на Божјиот народ, т.е. тој народ кој Бог го одбрал да биде Негов. Тој по природа е милостив кон нас кутрите грешници кои, заедно со Адам, сме Го навредиле. Бог ни Го испратил својот единороден Син, кој стана роб за сите нас и страдаше за нашите гревови, за да нè откупи од ропството и да нè направи наследници на вечното Небесно Царство. О, неизмерна добрина! О, бескрајна милост на Бога кон нас, кутрите грешници! Како што им зборуваше на татковците наши – на Авраама и на семето негово довека. Оваа голема милост за нашето вечно спасение Бог ја откри и им ја јави на патријарсите и пророците што започнаа од Авраам! Ова големо ветување се исполни пред големото дело на откупувањето. Да биде секогаш слава на Оца и Сина и на Светиот Дух сега, секогаш и во сите векови. Амин.
Еврозија во Солун
Со големо задоволство го прочитала толкувањето на песната на Богородица, применувајќи го за себе заклучокот. Но, на бродот забележала раздвижување, патниците започнале да излегуваат на палубата за да вдишат чист воздух. Таа се вратила кај Кончета, која почувствувала некое олеснување штом другарката започнала да ја забавува со пријатен разговор. На тој начин времето им минувало незабележливо, иако патувањето морало да продолжи уште долго време, додека бродот застанувал на разни пристаништа, за да растовари стока и да натовари друга. Кончета оздравела и ја придружувала својата другарка на палубата, така заедно се молеле, а потоа разговарале за набожни работи и копнееле за својата идна активност. Најпосле, на 13 февруари изутрина, двете другарки се разбудиле, кога бродот влегувал во солунското пристаниште, многу живо, иако било рано. Италијанските морнари го кренале своето знаме за да го поздрават Солун. Еврозија и Кончета биле многу возбудени кога пред нивниот поглед го виделе убавиот град. Бродот полека влегувал во пристаништето и застанал на некое растојание од брегот. Еврозија и нејзината другарка забележале дека на крајот се белеат корнетите на Милосрдните сестри кои со нетрпение ги очекувале. Сестрите се качиле на едно кајче и се упатиле кон бродот. По четврт час тие биле кај гостинките и сестрински се поздравиле. Разговарајќи весело со сестрите, Еврозија и Кончета се качиле во кајчето кое ги однело на брегот.
Од книгата „Благородното дело на отец Јосиф Алоати и на сестра Еврозија Алоати“ од д-р Иван Драгов.