Проповед на епископот Стојанов по повод 10 годишнината од основањето на парохијата Раѓање на Свети Иван Крстител во Струмица и 10 години од порталот Католици.мк

Проповед на епископот Стојанов по повод 10 годишнината од основањето на парохијата Раѓање на Свети Иван Крстител во Струмица и 10 години од порталот Католици.мк

Ја пренесуваме во целост проповедта на епископот Киро Стојанов за време на Светата Архиерејска Литургија, која ја служеше на 5 ноември 2023 година во црквата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица, по повод 10 години од основање на парохијата

Почитуван протоереј отец Гоце Костов, браќа свештеници, чесни сестри, почитувани слушатели на брановите на Радио Марија, драги членови на парохискиот одбор, драги парохијани, браќа и сестри во Христос!

Дозволете ми најпрво да ви честитам на сите вас за убавите годишнини: 10-годишнината од парохијата Свети Иван Крстител, 10 години од порталот Католици.мк и 10 години парохиска служба во оваа парохија, на првиот парох, о. протоереј Гоце Костов, кому покрај честитките му изразувам и благодарност за поканата да ја предводам ова Света Архиерејска Литургија.

Што значи 10-годишното постоење на оваа прекрасна црква Раѓање на Свети Иван Крстител? Зарем нејзината камбанарија која е издигната како рака кон небото нѐ не повикува постојано на молитва? Да, таа постојано не повикува на заедничка молитва. Зарем убаво насликаниот внатрешен дел на олтарот, а се надевам дека и целосно ќе биде завршен и целиот ентериер, иконостасот и Крстниот пат, не ни зборуваат за потребата да останеме блиску до Бога и во заедница со неговите светци? Навистина е предвкус на рајот, таа небесна заедница каде што сите спасени ќе формираат „communio sanctorum – заедница на светите“. Како дом Божји, овој посветен простор ги собира своите верници и е место на духовни средби меѓу човекот и Бога. Тука се крштеваат нашите деца и возрасни и на тој начин влегуваат во заедницата на спасените. Тука се примаат Светите Тајни, Свето Миропомазание и Света Евхаристија, кои нè воведуваат во потполно заеднииштво на Христовата Црква. Тајните на бракот се слават овде. Тука, по погребот и збогувањето со нашите најблиски кои се упокоени и се погребани на гробиштата, се служат свети Литургии за нивните души за нивна вечна среќа. Тука се пее, се моли Света Бројаница, се извршуваат разни други духовни обреди со еден збор тука заеднички се слави Бога.

Додека, оние што не се во можност заради болест или поодминати години, порталот Католици.мк 10 години и пегодишнината од Радио Марија се трудат да бидат со нив: да им ја пренесат Радосната вест – светото Евангелие, молењето св. Бројаница, духовните мисли, најновите збиднувања од месната и универзалната Црква, а додека Радио Марија на своето 5-годишно фреквенциско постоење дури и да ги развесели со духовна и народна музика.

Овде, едноставно, нашите души се хранат со Христовото Евангелие, Божјата мудрост се влева во нашите срца, стануваме еден Божји народ, едно срце и една душа примајќи го Христовото тело и крв. Тука Господ Бог постојано нè учи кои сме и што треба да правиме за да го најдеме и следиме патот на вечниот живот.

Денес е прилика за сето тоа да му кажеме на Бога искрено и големо: Благодарам! Можеби не сме доволно благодарни за тие благодати што Тој ги дели и ни ги дава овде. Денес треба да им се заблагодариме и на сите благовесници на Евангелието и на нашите пастири, на сите наши свештеници, пред сè на пастирите кои работеле и работат во оваа наша струмичка заедница. Оваа наша парохија е ќерка на парохијата „Успение на Пресвета Богородица“ под чија што парохија до пред 10 години припаѓаа сите верници и затоа сакам да го спомнам последниот парох и неговите капелани: Отец протоереј-ставрофор Ѓорги Трајков, кој повеќе од 30 години беше парох а поголемиот дел сам го опслужуваше своето стадо, потоа му беа доделени и помошници, односно: како негов прв капелан беше о. протоереј-ставрофор д-р Зоран Стојанов, долгогодишен парох во Радово а денес актуелен Декан на Македонскиот деканат св. Кирил и Методиј, Директор на Македонски каритас и Ректор на Светилиштето во Паљурци; о. протоереј Гоце Костов, актуелен парох на оваа парохија св. Иван Крстител, Директор на Радио Марија и уредник на порталот Католици.мк. о. Ѓорги Појразов, актуелен парох во Петралинци и о. Ристо Самарџиски, актуелен парох во Гевгелија, а до неодамна директен и прв капелан на оваа парохија о. Атанас Сирачев.

 Меѓу починатите ќе ги споменам о. Христофор Назов, првиот декан на деканатот св. Кирил и Методиј и организатор во основањето на парохијата Успение на Пресвета Богородица, а како прв парох, о. Атанас Иванов, а подоцна вршители на должноста управители: о. Ванчо Стојанов и о. Ѓорги Ангелов. Тоа се браќата свештеници на кои им должиме голема благодарност и поткрепа во нашите молитви. Без нив нашите предци немаше да бидат поучени во својата вера, немаше да бидат крстени, миропомазани, венчани ниту погребани. Црквата, браќа и сестри, е знак на нашата вера, таа е место на нашата молитва и примањето на светите тајни, нѐ собира како мајка нејзините деца за да можеме тука да станеме Божјо семејство.

А сега би се вратил на Божјото Слово што ни го нуди денешната 22 недела по Духови. Имено, кога некој возрасен човек се воведува во верата тогаш стручните лица препорачуваат најпрво да му го понудиме Евангелието според Лука. Самиот Лука вели дека своето евангелие му го пишувал на Теофил, грк кој од паганство се обратил на христијанство. Разбирливо, дека и ние кога го читаме Евангелието според Лука чувствуваме една димензија на човечка топлина. Евангелието станува блиско и, некако, срдечно прифатливо.

Денешната одломка спаѓа во најубавите страници на Новиот Завет. Настанот е познат, се работи за безимениот богаташ и питачот Лазар. Дури самиот начин на композицијата на овој извештај е интересен. Богаташот нема име, а Лазар кому му го знаеме името (кое дури има и свое библиско значење), но околностите во кои живее богатиот практично го негираат Бога.

Неговиот Бог е стомакот, а неговата сигурност е имотот. Можеме да го споредиме со Евангелието за богатиот човек чија што нива родила за многу години, кога го кажал своето безбожно кредо – верување, јади, пиј и уживај. Но, тој нема кредо –верување, нема амин, туку го добива одговорот: Безумниче, ноќеска ќе ти ја побарам душата твоја (Лука 12,20). Во овој краток дијалог на безумниот богат човек и Бог, се гледа целата трагедија на апсолутната доверба во материјалните добра, тоа е дијалог кој нам ни е многу познат, бидејќи во нашето опкружување, во новата цивилизација, имаме многу случаеви на токму вакво однесување како на богатиот од Евангелието.

Толку луѓе во нашето време се потпираат на своето материјално богатство, во исто време искористувајќи ја работната сила, дури и на децата и младите. Светот се повеќе се дели на група која поседува сѐ, и, има огромен број сиромашни, кои очекуваат трошки на вратите на богатите. Колку тешко и драматично време. Од друга страна, пак, Лазар не се чувствува проклет. Тој е сиромашен и знае каде му е местото, питачи на прагот на богатиот. Нема ниту за лекови, нема за лечење, но кучињата му ги лижат раните. Тој мотив често се повторува – каде животното е поблиску до човекот, отколку човек до човекот. Исходот од драмата и кај богатиот и кај Лазар е ист – смрт. Но, состојбата по смртта е застрашувачки различна. Богатиот е во маки, а Лазар во Авраамовата прегратка. Поимот да се биде во нечија прегратка, да се биде во нечија близина е најинтимен поим. Така, Лазар е во Божјата близина затоа што Авраам е Божји човек.

Дијалогот кој следува бил многу актуелен тогаш, но и денес. Постои желба пропаднатите да се спасат, но и неможност за премин од една во друга состојба. Како што вели Писмото: нѐ раздвојува голема провалија. Оној богатиот страда токму заради оној недостиг на она што го имаше додека беше на земјата, а тоа е капка вода. А Лазар, пак, ужива токму во она што му недостасуваше. Значи, сликата е спротивна. Интересен е и Дантевиот опис на пеколот, Таму секој е прикажан како осакатен во она за што грешел. Слично е и со Микеланџело на огромната слика на Последниот суд во Сикстинската капела.

Третиот дел на драмата, исто така е значаен за нас, а тоа е молбата на богатиот да се врати од вечноста во времето за да посведочи, за да ги спаси богатите браќа на земјата, кои чекорат по истиот пат. Јасен е одговорот на Авраам, објавата која ни е дадена е доволна за нашата вера.

Колку пати сме слушнале и ние, за полесно да веруваме, дека некој треба да ни дојде од онаа страна на вечноста. Но, тоа не е вистина, затоа што верата не е чин на насилство, туку слобода. Затоа мора да остане простор за одлучување, а не за присила.

Пораката и поуката за прифаќањето на Словото Божјо за нас е сериозна и таа подразбира активна вера, а не обично прифаќање, со кажана вистина без таа да се спроведе во живот. И конечно, треба често да се погледне на прагот на својата куќа, да не е Лазар пред вратата.

Навистина е голема радост, голема новина и прекрасна надеж што ни ја нуди нашата христијанска вера кога и преку сиромашниот Лазар ни ја зацврстува верата во воскресението. Без таа вера, нашиот живот би бил без перспектива и без смисла.

Нека оваа јубилејна прослава на оваа наша парохија, Св. Иван Крстител, порталот Католици.мк, пет годишнината на Радио Марија и денешното Божјо Слово ни дадат нов жар на благодарност кон Бога за сите добри работи што ги добиваме, како и жива желба постојано да се храниме на гозбата на  Животот, свесни дека преку Христовиот дар и ние самите сме повикани во вечниот живот и така со нашиот живот и дела постојано да придонесуваме за Него. Амин.

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот