На враќање од Кореја во авионот папата одговараше на новинарски прашања

Папата Фрањо се врати од Јужна Кореја во Рим на 18 август вечерта и веднаш отиде да и заблагодари на Богородица „Спасителка на римскиот народ“ во базиликата Света Марија Велика, пред нејзината слика стави цвеќе во бојата на корејското знаме, кое што на заминување му го подари едно девојче. Така го започна и го заврши своето трето патување, мислејќи на корејскиот народ. Оддекот од тоа патување кај папата Фрањо сеуште траат, а посебно внимание привлече неговиот разговор со новинарите во авионот во текот на летот од Сеул во Рим, особено кога стана збор за Ирак и Средниот Исток.

Како што беше предвидено папата Фрањо во текот на враќањето од Кореја разговараше со новинарите во авионот и изненади многумина со одговорите, но најинтересна беше веста дека Папата е подготвен да го посети и северниот дел на Ирак за да им изрази солидарност на христијаните и језидските бегалци и прогонетите кои што на многу брутален начин ги прогониув исламската полиција. Довери дека неодамна разговарал и со шефот на владата на Курдистан и веќе се советувал со своите соработници. Ватикан побара мислење од сите нунцијатури и веќе испрати писмо до Генералниот секретар на ООН. Папата во Ирак испрати и свој пратеник на лице место да провери за можноста за остварување на таа посета. „Заклучивме, рече Папата дека ако е потребно кога ќе се вратам од Кореја да можам да одам таму. Тоа за сега е можност. Во овој момент тоа не е најдоброто што би можело да се направи. Јас сум подготвен.“

Папата прв пат заземе став и за воена акција против терористичките борци таканаречени Исламска држава, забележувајќи дека е „законско“ да се запре неправедниот агресор. Го истакна зборот „да се запре“, а не да се бомбардира. Вистина е, објасни, на кој начин може да се запре треба внимателно да се провери и потсети дека често со тоа оправдување се воделе вистинските војни. Една држава сама не може да пресуди како да го запре неправедниот агресор. Заради тоа по Втората светска војна основана е ООН, потсети Светиот Отец и додаде дека во Ирак има премногу маченици и тоа не само христијани.

Им довери на новинарите кои со него летаа од Сеул во Рим дека има намера да ја посети ООН и тоа веројатно во рамките на учеството на Светската средба на семејства во Филаделфија во септември идната година. Во посета го повикал секретарот на ООН Бан Ки Мун. Во рамките на таа посета од 22 до 27 септември 2015 година можно е да го посети и парламентот на САД во Вашингтон и секако претседателот Барак Обама. Можеби ќе успееме да ги споиме сите три града: Филаделфија, Њујорк и Вашингтон. Додаде дека со задоволство би имал поклоничко патување и во светилиштето Богородица Гвадалупска во Мексико.

Друга цел на неговите патувања во странство во 2015 година би можела да биде Шпанија каде што е поканет од епископите и од кралот. Во таа прилика би сакал да ги посетам светилиштата Свети Јаков во Сантијаго де Компостела и Света Тереза во Авила. Истакна дека сѐ уште ништо не е одредено, но сѐ е можно. Службено е потврдено за 2015 година само патувањето во јануари во Шри Ланка и Филипините.

Новинарите ги интересираа и поединости од приватниот живот на Папата и соживотот со папата Бенедикт, на што папата Фрањо одговори дека многу го цени и довери дека често го прашува за совети. Тој го смета како мудар дедо во домот. Многу го цени неговото благородно однесување, понизноста и храброста која ја покажа со отстапувањето од својата служба, што според мислењето на папата Фрањо стана институција. Пред 70 години било речиси незамисливо да се отстапи и од епископската служба, а денес тоа е нормална работа.

На прашање на новинар дали посветува малку време на одмор и не оди во летната резиденција Кастел Гандолфо во текот на топлите летни месеци како што тоа го правеле неговите претходници, 77 годишниот папа Фрањо одговори дека тој најдобро одмара дома. Го менува дневниот ритам, повеќе спие, чита книга која му се допаѓа, слуша музика и повеќе моли. Тоа е за него одмор. Така правел и минатиот месец јули. Последен пат бил на одмор во 1975 година кога патувал со група Исусовци. Призна дека страда од „некоја невроза“. Секојдневно пие аргентински чај мате. Во тоа спаѓа и неговото уживање во одморот во сопствениот дом, а не патувајќи по светот. Рече како полека се привикнува на вревата и гужвата околу себе. Запрашан како се носи со големата популарност одговори дека во себе си се обидува да мисли „на своите гревови и грешки, а и свесен сум дека тоа може да трае само уште неколку години и потоа се враќам во домот на Отецот“, рече Папата на новинарите. Својата привлечност кај луѓето ја протолкува како „Божјо делување во својот народ, кој го користи својот пастир. На почеткот се плашев од тоа.“ Сега се е во ред и му благодарам на Бог што неговиот народ е среќен, се довери папата Фрањо на новинарите во авионот.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот