Папата на бдението со младите: Радоста е мисионерска

Папата на бдението со младите: Радоста е мисионерска

Долгоочекуваното бдение на младите со Папата во паркот Тејо се одржа на 5 август 2023 година, на претпоследниот ден од Светскиот ден на млади. Во првиот дел од програмата се одржа сценски настап, по што следеше обожавање на Светата Олтарска Тајна. Помеѓу тие два моменти, папата Фрањо им се обрати на ходочасниците, кои се проценуваа на 1,5 милион присутни во паркот.

Во центарот на обраќањето на Папата беше мотото на овогодишниот Светски ден на младите: „Стана Марија и побрза“ (сп. Лука 1,39). Гледајќи наназад како Марија се упатила кон нејзината братучетка Елисавета, тој се запраша зошто Марија прави нешто што не е должна да го прави. Марија оди затоа што љуби, објасни Папата, а кој сака „лета, трча и се радува“ (од книгата Следи го Христос).

Зборувајќи надвор од подготвениот говор, Папата го истакна посланието да се донесе евангелската радост на сите околу нас. Радоста е мисионерска, рече тој. Затоа, секој има должност да им донесе радост на другите.

Понатаму, земајќи ги предвид „корените на радоста“, Папата потсети дека имаме добиено радосен христијански пример од оние кои беа пред нас. „Ако погледнеме наназад, се сеќаваме на луѓето кои беа зрак светлина за нашите животи: родители, баби и дедовци, пријатели, свештеници, монаси, монахињи, катехисти, аниматори, учители. Тие се како корен на нашата радост“.

Светиот Отец потоа ги повика ходочасниците за момент да ги затворат очите и да се потсетат на лицата на оние кои влијаеле врз нивниот живот. Ги охрабри насобраните и тие да ја пренесат оваа радост, па така и самите да создадат корени.

За да им донесеме радост на другите, продолжи Папата, најпрво треба да бараме радост и да вежбаме да бидеме радосни. Тој призна дека да се биде извор на радост за другите може да биде заморно и тешко. Но, дури и кога не успеваме, важно е да станеме и повторно да се обидеме.

Папата Фрањо го заврши своето обраќање до ходочасниците на Светскиот ден на млади потсетувајќи ги на нивната должност да си помагаат еден на друг кога ќе паднат. „Ништо во животот не е бесплатно, сѐ се плаќа. Само едно нешто во животот е бесплатно: Исусовата љубов. Затоа, со оваа бесплатно дарувана љубов што ја примивме и со желба да одиме, да одиме со надеж, да ги погледнеме своите корени и да одиме напред неустрашливо. Не плашете се!“, рече на крајот Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот