Меѓународната заедница да не ги заборави ирачките христијани
Црквата не ги заборава прогонетите христијани во Ирак и ја повикува меѓународната заедница да не е пасивна пред овие злосторства.
Ова го наведува папата Фрањо во писмото до монсињор Маруан Лахам, помошен епископ на Латинскиот патријархат во Ерусалим и патријархиски викар за Јордан по повод првата годишнина од доаѓањето во Јордан на Ирачаните, протерани од нивната татковина од џихадистите на самопрогласената Исламската Земја.
По тој повод на 7 август во Јордан ќе пристигне Генералниот секретар на епископската конференција на Италија, монсињор Нунцио Галантино кој ќе ги посети бегалските центри во земјата.
Со писмото Папата сака преку зборовите исполнети со надеж да допре до сите кои се потиснати од насилството и биле принудени да ги напуштат своите домови и земја. Неколку пати Папата го дигна глас против суровиот, нехуман и необјаснет прогон на оние кои во многу делови на светот – и пред сè меѓу христијаните – се жртви на фанатизмот и нетолеранцијата, често, пред очи и молчливоста на сите. Тие се денешните маченици, понижени и дискриминирани поради преданоста кон Евангелието, нагласува Папата.
Оттука и силниот апел на Светиот Отец за солидарност, што е знак на една Црква, која не ги заборава и не ги напушта своите чеда кои се во прогонство поради нивната вера“, бидејќи „знаеме дека секој ден се упатува молитва за нив и благодарност за сведоштво кое го даваат“.
Папата Фрањо ја изразува својата длабока благодарност до заедниците кои ги примија овие наши браќа, без да го свртат погледот настрана, сведочејќи го воскресението Христово преку споделувањето на болката и солидарната помош кон стотици илјади бегалци“.
На крајот Папата упати апел и до светската јавност, за да биде сѐ повнимателна, чувствителна и да се однесува чувствително кон прогоните против христијаните и сите верски малцинства“. Светиот Отец ја обновува желбата „меѓународната заедница да не биде нема и попустлива пред тоа неприфатливо дело што е алармантно отстапување од човековите права и попречување на богатството од соживотот меѓу народите, културите и религиите“.
РВ/В.Н.