„Контрацепциска загатка“ и непосакуваните последици за здравјето на жените

Намалена апсорпција на хранливите состојки, долгорочни промени во мозочната активност и во однос кон светот како и промени во изборот на партнерот – тоа се некои од последиците од оралната контрацепција, за кои се дискутираше на 8 август на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон.

Како што пренесува Catholic News Agency, прашањето кое што го поставија присутните на конференцијата – истражувачи и медицински експерти – е: ако средството кое редовно се пропишува има такви последици, дали тогаш навистина би требало редовно да се пропишува?

Под поимот „Контрацепциска загатка“, научната конференција имала за цел да ги истражи слабо познатите последици од хормоналната контрацепција. Д-р Крег Робертс, кој ги истражува формите на избор на партнерот, истакнал дека со користење на контрацепциските таблети може да се промени хемијата на привлечност. Во нормални околности, жените се склони да изберат генетски различни, помажествени мажи. Но се чини дека овие таблети ја менуваат оваа склоност – објасни д-р Робертс. Жените кои користат контрацепциски таблети склони се да изберат поженствен партнер и кој им е генетски сличен. Децата од родители кои се генетски слични, сепак, можат да бидат изложени на поголеми здравствени ризици.

Исто така, кога жените ќе престанат да користат контрацепциски таблети – доколку одлучат да имаат деца – можно е да им се поврати редовната форма на привлечност, а и нивниот партнер, кого го запознале додека ги употребувале таблетите, повеќе да не им одговара. Жените кои ги запознале своите партнери додека ги користеле таблетите, постои голема веројатност да иницират развод – рече д-р. Робертс.

Д-р Никол Питерсон, научничка на универзитетот во Лос Анџелес, при Институтот Семел за невро науки и човечко однесување, рече дека потполн опсег на влијанието на хормоналната контрацепција на човечкиот мозок сѐ уште не е јасен и дека е потребно понатамошно истражување, но и дека веќе постојат значителни докази дека контрацепциските таблети предизвикуваат промени кои засекогаш ги променуваат мозочните патишта. Кај жените кои користат таблети, амигдала – дел од мозокот кој е одговорен за памтењето – послабо реагира на емоционалните дразби, што може драстично да го променат начинот на кој жените донесуваат одлуки и начинот како се однесуваат на сето она што ги опкружува – објаснила д-р Питерсон.

„Ако жените долго време користат орална контрацепција, имаат поинаков мозок… Не постои гаранција дека вашиот мозок запомнил која му е основата“ – рече д-р Мелиса Фармер, пост-докторски студент при медицинскиот факултет Фајнберг, на Универзитетот Нордвестерн. Ендокрините промени кои ги предизвикуваат таблетите можат да има долготрајни последици, дури и кога ќе се прекине користењето на хормоналната контрацепција, која што може да влијае на децата за време на бременоста. „Дури и многу малите промени во хормоните во главните моменти од развојот на фетусот можат да имаат доживотни последици“ – објасни д-р Фредерик фом Саал, еден од учесниците на научната конференција.

Дополнително потенцијален долготраен ефект е послабата апсорпција на хранливите состојки. „Оралната контрацепција ги лишува хранливите состојки повеќе од било кој друг вид на редовно препишани лекарства“ – рече Рос Пелтон, истражувач на ракот и нутриционист, додавајќи дека тоа го вклучува и лишувањето на сите Б витамини, Ц витамин, цинкот и други супстанци. Последиците може да бидат со негативни ефекти за половото здравје како и за зголемен ризик од срцеви болести.

РВ/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Свет

За авторот