Мала Богородица – Роденден на Пресвета Марија

Родендените се убави прилики кога се трудиме и се обидуваме да ја покажеме блискоста и приврзаноста на нашата мила личност. Семејството и пријателите се собираат околу личноста со која заедно му благодариме на Бога што таа личност постои и се потсетуваме на денот кога дошла на светот. Роденденската прослава нѐ поврзува во славењето на животот. Колку повеќе има насобрано околу славеникот или славеничката, тоа толку е помоќна химната на животот. За својот роденден, а верувам, и оној кој го слави роденденот во своето срце ги собира поминатите години кои го поттикнуваат на благодарност кон оние кои соработувале со Бога во дарот на животот – родителите. Секој сака на својот роденден да биде во друштво на најмилите луѓе. Семејните и пријателските врски токму тогаш се зацврстуваат. Гестот на внимание, скромниот мал поклон, искрената честитка, или пак блискоста и насмевката токму за роденденот сведочат за тоа колку ни е важен некој и колку го сакаме. Татковците и мајките од сите роденденски поклони најмногу им се радуваат на близината на нивните деца. Додека децата се радуваат на родендените, бидејќи знаат дека родителите сигурно ќе ги израдуваат со убав подарок. Секако роденденот е радост.

Затоа радосен е и денот кога целиот народ на верници се сеќава на роденденот на Мајката која ни е подарена од крстот на нашето спасение. Роденденот на Марија! Овој убав празник го нарекуваме Мала Богородица. На него се потсетуваме на денот кога остарените но и не обесхрабрените родители ја видоа нивната мала Марија. Со сигурност тоа било голема прослава на животот. Благодарствената химна до Бога ‘за кого сѐ е можно’, се вознесе до Дарителот на животот. Се родила таа за која никој не се надеваше дека еден ден ќе го роди Дарителот на вечниот живот. Затоа роденденот на Марија е можност и за нашата верска химна за благодарност кон Бога за дарот на животот на Марија. Преку неа ќе ни се роди Спасителот. Кога ги прославуваме родендените на нашите родители благодарни им сме за нивната жртва, несебичност и посветеност кои ги покажале и ги покажуваат кон нас. Затоа и роденденот на Марија е прилика за искрен детски чин на благодарност. Дозволете ми да фантазирам за роденденските прослави на Марија додека Исус бил со неа. Сигурно го прославувале овој ден. Дали и вие така мислите? Роденденска прослава на која бил присутен Исус. Исус ја сакал својата мајка. Евангелието ќе каже дека ‘напредувал во мудроста, годините и во милоста пред Бога и луѓето.’ Со сигурност Марија била од клучно значење за споменатото напредување. Можеби токму на еден роденден (смеам да фантазирам) му го раскажала чудното доаѓање на Ангелот Гаврил или раѓањето во Витлеем…

Што Исус и подарил на својата мајка? Целиот човечки род! ‘Еве ти син!’ Овде сите може да се препознаеме. Ние сме нејзини деца. Како што и јас со тебе сум напредувал во мудроста, годините и милоста, тебе ти ги предавам за да би била со нив во нивниот раст. Ти си го почувствувала искуството на милоста, можеш да им ја посведочиш убавината на средбата со Бога. Затоа Марија со задоволство ја нарекуваме Престол на мудроста, бидејќи на светот му ја подарила Божествената мудрост. На нејзиниот роденден, собрани околу неа на роденденската прослава смееме да ја прашаме за мудри совети, како да се живее мудро, како мудро да се одлучува, како мудро да се воспитуваат деца, како да се живее во милоста со која сме станале мили на крштевањето. Роденденот на Марија е прилика да се разговара со неа во атмосфера на радост за убавината на животот, за смислата на страданието, за прифаќањето на Божјата волја.

Да се замислиме собрани околу Марија на нејзиниот роденден. Како деца околу мајката. Полни со прашања, совети, барање на решенија, со љубопитни очи и отворени уши. Мајко, кажи ни! ‘Сѐ што ќе ви каже Исус, сторете го!’ Истите зборови од Кана Галилејска. Тоа ви го давам како родителски совет и ако сакате да ми ја исполнете оваа желба знајте дека ќе бидам насреќна доколку така направете и живеете според Исусовте зборови. И не заборавајте, животот е дар, бидете благодарни на дарот на животот. Се разбира бидете и понизни, не плашете се да признаете дека вие сте само ‘слуги Господови’. И прегрнете ги луѓето околу себе кои ви се подарени, прифаќајте ги и почитувајте ги како јас и Иван додека се спуштавме од Голготата. Секогаш сигурни дека ништо не е загубено. Исус и понатаму е овде, тоа беше мојата сигурност. Исто така секогаш е и со вас, дури и преку мене, вашата Мајка и заштитничка, бидејќи од Него сте ми подарени како деца. Ве сакам исто како и тој. Вие сте ми Исусов подарок. Ве сака вашата мајка.

Сигурно така би ни зборувала Марија на нејзиниот роденден. Да ја сослушаме и со духот да ја бакнеме и да ѝ кажеме:

Срекен роденден мамо!

Матеј Главица/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Размислување, Свет

За авторот