Католиците од епархиите Купанг и Атамбуа ќе одат на другиот крај на островот за да учествуваат на светата Литургија во рамнината Теситоло, во Дили, каде може полесно да се стигне отколку до главниот град Џакарта, каде што Папата ќе биде од 3 до 6 септември оваа година. Според мислењето на надбискупот од Купанг, присуството на папата Фрањо ќе го потврди патот на зближување и помирување.
Во живописниот град Купанг, најголемиот урбан центар на западниот дел на островот Тимор, со 430 илјади жители и главен град на индонезиската провинција Источна Нуса Тенгара, стотици луѓе се подготвуваат да се сретнат со папата Фрањо, кој ќе ги посети Индонезија, Папуа Нова Гвинеја, Источен Тимор и Сингапур од 2 до 13 септември.
Како што беше предвидено, околу 10 илјади верници од епархиите Купанг и Атамбуа ќе заминат на другиот дел од островот за да учествуваат на светата Литургија на висорамнината Тесимол, во Дили – изјави за Фидес надбискупот на Купанг, монсињор Хиронимус Пакаенони. Верниците од надбискупијата Купанг нема да одат во главниот град Џакарта каде што ќе биде Папата од 3 до 6 септември, туку ќе преминат од другата страна на границата. Имено, полесно е да се стигне до Источен Тимор, за што се потребни околу 10 часа со автобус, отколку да се организира скапо патување до индонезиската метропола.
Многу активна надбискупија
Во надбискупијата Купанг, која ги опфаќа централниот и западниот дел на Западен Тимор и островите Роти, Сава, Семау и Алор, живеат повеќе од еден милион и 600 илјади луѓе и е една од ретките во Индонезија – земја со 17 илјада острови и најбројна земја со мнозинско муслиманско население – која има најмногу христијани. Локалното население го сочинуваат 60% протестанти, околу 35% католици и само 3-4% муслимани. Има 35 парохии и сите бележат наплив и масовното учество на верниците во црковниот живот и во светите Тајни – истакна монсињор Пакаенони и додаде – Верата е жива; тоа го гледаме особено кај младите. Тоа го гледаме преку свештеничките звања што Господ продолжува да ни ги дава; имаме повеќе од 100 момчиња во мала семинарија, а 90 во богословија. Евангелието продолжува да привлекува млади луѓе – истакна надбискупот кој неодамна славеше ѓаконско ракополагање на 14 млади момчиња кои наскоро ќе станат свештеници. Дополнително, локалната црква раководи со повеќе од 90 католички училишта, од основно и средно образование, благодарение на помошта на 53 монашки заедници.
Црквата и власта на дело
Ја истакна соработката со индонезиската влада за да им помогне на католиците да учествуваат во посетата на Папата на Дили, надбискупот Пакаенони напомена дека тоа подразбира регистрација на свештениците, монахињите и верниците во парохиите. Дополнително, епархијата направи договори со канцеларијата за имиграција за обработка на патните исправи. Имено, многу верници немаат пасоши и за нив ќе биде подготвена посебна дозвола само за ходочестието – објасни надбискупот. А властите организираат и посебна постапка со издавање пасош во рок од три дена. Во Дили, главниот град на Источен Тимор – каде папата Фрањо ќе престојува од 9 до 11 септември, по застанувањата во Индонезија и Папуа Нова Гвинеја – се очекува и присуство на индонезиски верници. Ние сме во целосна согласност со Епископската конференција на Источен Тимор. Ќе треба да обезбедиме дочек, гостопримство и храна за индонезиските ходочесници. Организацијата започна – рече надбискупот.
Светата Литургија во Дили значаен момент
Меѓу најочекуваните моменти е светата Литургија што ќе ја служи папата Фрањо на 10 септември на рамнината Тесимолу, во предградието на Дили, каде што ја служеше и Иван Павле II за време на посетата во 1987 година, кога Источен Тимор беше под индонезиска власт. По 1999 година, кога Источен Тимор ја прогласи својата независност под покровителство на Обединетите нации, следеше време на тензии и конфузија, обележано со насилство и масакри од страна на проиндонезиските милиции, кога мноштво раселени луѓе кои бегаа од Источен Тимор пристигнаа во Атамбу и Купанг каде католичката заедница даде се од себе со различни иницијативи за солидарност. Тогаш имаше 250 илјади бегалци, кои потоа постепено се вратија во Источен Тимор.
Патот на помирувањето, кој се засноваше на психолошки процес, исцелување на траумите, и духовно, речиси целосно ги залечи раните од минатото. Присуството на Папата ќе го потврди патот на зближување и помирување – рече монсињор Пакаенони и нагласи – Неговата посета не е само за католиците туку за целото население. Треба да се каже – додаде тој – дека нема проблем меѓу црквите на Западен Тимор и Источен Тимор ние сме во заедништво.
Сепак, некои тешкотии и страдања сè уште постојат меѓу луѓето и во семејствата кои ги загубија своите најблиски во насилството и сè уште ги гледаат виновниците од другата страна на границата – додаде надбискупот, кој смета дека посетата на Папата е провиденцијална, бидејќи може да биде миг на посебна благодат, миг барање и прифаќање прошка, во верата во Бога кој ги лекува раните. Ние, католиците, можеме да бидеме посредници и помагачи во тој процес – рече на крајот надбискупот Пакаенони.
Ватикан њуз/к.мк