Папата Фрањо: Да се разбудиме од сонот на просечност и рамнодушност

Папата Фрањо: Да се разбудиме од сонот на просечност и рамнодушност

На Првата недела од Адвент, 29 ноември 2020 година, папата Фрањо ја предводеше светата Литургија во базиликата Свети Петар со кардиналите именувани на редовниот конзисториум, кој се одржа во саботата 28 ноември.

На почетокот на проповедта, Папата забележа дека читањата на Првата недела на Адвент упатуваат на два клучни збора, а тоа се блискоста и будноста, Божјата близина и нашата будност.

Адвент е време кога се сеќаваме на Божјата близина, кој слезе кај нас и за таа близина верниците копнеат, затоа што им е неопходно потребна. Ова е воедно и првата порака на Адвентот и литургиската година, имено да препознаеме дека Бог е близу до нас и да му кажеме: „Приближи се уште поблиску“. Карактеристичниот повик во Адвент: „Дојди, Господи Исусе“, нека стане и наш повик – рече Папата. Можеме ова да го кажеме на почетокот на секој нов ден и да го повторуваме често, пред состанок, учење, работа и одлуките што треба да се донесат, во најважните моменти и во моментите на искушенија: Дојди, Господи Исусе. Кратка молитва, но од срце. Да ја молиме во ова време на Адвент, да повторуваме: „Дојди, Господи Исусе“, повика Папата за време на проповедта на светата Литургија со  новоименуваните кардинали.

Потоа зборуваше за вториот израз, кој е од голема важност во Адвент, а тоа е будноста. Папата додаде дека сме преокупирани со своите интереси и растресени поради испразноста и сме во опасност да го изгубиме она најважното. Затоа Господ денес на сите ни повторува: Бидете будни! Не смееме да дозволиме да нѐ опфати обесхрабрување, затоа што сме повикани да живееме со надеж. Но да се биде буден не е лесно, додаде Папата, потсетувајќи на учениците кога заспаа во Маслиновата гора, пред Исусовото страдање. Но и нас може да нѐ опфати истата дремка.

Има еден многу опасен сон: сон на просечноста. Доаѓа кога ќе ја заборавиме првата љубов и чекориме во животот по инерција, внимавајќи на тоа никој и со ништо да не ни се наруши спокојот. Но без поттик на љубов кон Бог, без очекување на неговата новост, човекот станува просечен, млак, световен. А тоа ја нагризува верата, затоа што верата е спротивно на просечноста: таа е Божја горлива желба, постојана одважност за преобраќање, храброст за љубов, тоа значи секогаш да се оди напред. Верата не е вода која гаси, таа е оган кој гори, не е седатив за оние кои се под стрес, тоа е љубовна приказна за вљубените! Затоа Исус ја мрази млакоста повеќе од сѐ друго (сп. Откровение 3,16) Се гледа Божјиот презир кон млаките.

Како можеме да се разбудиме од сонот на просечност? – праша Папата и одговори: со будност во молитвата. Да се моли значи да се запали светло во темнина. Молитвата нѐ буди од млакоста на хоризонтален живот, ни ги подига погледите кон горе, ни дава да бидеме „на иста бранова должина“ со Господ. Молитвата нѐ обезбедува со кислород: како што не може да се живее без дишење, така не може да се биде христијанин без молитва. Затоа многу ни се потребни христијаните кои бдеат за оние кои спијат, христијани кои се поклонуваат, застапници, кои дење и ноќе пред нозете Господови го донесуваат светлото на светот, темнината на историјата.

Постои – додаде Папата – уште еден внатрешен сон, а тоа е рамнодушноста. Оној кој е рамнодушен, сѐ му е исто. Како да е во ноќ, не се интересира за оние кои се околу него. Кога се вртиме само околу себе самите и своите потреби, рамнодушни кон другите, срцето ни го опфаќа ноќ. Срцето станува темно. Ни изгледа дека денес оваа ноќ падна на многумина кои мислат само на себе, а другите не ги интересираат – предупреди Светиот Отец.

Како да се разбудиме од тој сон? Папата одговори: со будност во љубовта! За да внесеме светло во тој сон на просечност, млакост постои будност во молитвата. За да се разбудиме од сонот на рамнодушност постои будност во милосрдието. Милосрдието е срце на христијанинот, кое чука: како што не може да се живее без чукање на срцето, така не може да се биде христијани без милосрдие. На некои им изгледа да се молчи е сочувство, помагањето и служењето дека е за губитници, но всушност само така се победува, затоа што е насочено кон иднината, кон денот Господов, кога сето ова ќе помине, а ќе остане само љубовта. Со делата на милосрдие се приближуваме кон Господ – истакна Папата во хомилијата на светата Литургија со кардиналите кои ги именувана конзисториумот во сабота 28 ноември 2020 година.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот