Генерална аудиенција: Евангелието е за сите, не само за избрана група

Генерална аудиенција: Евангелието е за сите, не само за избрана група

На редовната Генерална аудиенција во среда, 22 ноември 2023 година, папата Фрањо одржа катехеза на тема евангелизација. Тој посочи дека пораката е за секого и дека Христовиот повик не е привилегија, туку служење, бидејќи Бог избира еден да допре до сите.

Папата Фрањо на Генералната аудиенција ја продолжи серијата катехези на тема „Ревност за евангелизација: апостолската ревност на верникот.“ Темата на овонеделната 27 катехеза во серијата беше „Навестувањето е за секого“.

Тој нагласи дека споделувањето на Радосната вест на сите произлегува од вистинската средба со Христос; восхитувањето од таа средба проникнува во нашите животи и бара таа да им се пренесе на другите. Тоа е она што Тој го посакува: неговото Евангелие да биде за сите, истакна Папата.

Во хуманизирачката сила на Евангелието е исполнување на животот за секого затоа што Христос се роди, умре и воскресна за сите, објасни Папата. Потсети на делот од Апостолскиот поттик Evangelii gaudium, во кој се вели дека секој има право да го прими Евангелието. „Христијаните имаат задача да го навестуваат без да исклучат некого, не како оние кои наметнуваат нова обврска, туку како оние кои споделуваат радост, укажуваат на хоризонтот на убавината и кои ги повикуваат другите на богата гозба. Црквата не расте преку прозелитизам, туку преку привлечност“ (бр. 14).

Христијаните се екстровертни

Папата Фрањо ги повика христијаните да бидат отворени, експанзивни и екстровертни и да се истакнат во нивната способност да излезат од себе и да ја надминат секоја граница.

Христијаните се среќаваат во просторот пред црквата повеќе отколку во сакристијата и ги посетуваат „градските плоштади и улици“ (Лука 14,21). Мора да бидат отворени и експанзивни, „екстровертни“, а оваа особина доаѓа од Исус, кој своето присуство во светот го направи постојано патување, со цел да допре до сите, рече Папата.

Повикот не е привилегија, туку служење

За време на катехезата, Папата се осврна и на христијанскиот повик: Библијата ни покажува дека кога Бог повикува некоја личност и склучува завет со некој, критериумот секогаш е следниот: тој избира некого да допре до другите, тоа е Божјиот критериум, рече Папата. Тој додаде дека сите избрани од Господ ги доживеале и двете: убавината, но и одговорноста и тежината да се биде избран.

Најголемата напаст е примениот повик да се смета за привилегија, предупреди Папата: Повикот не е привилегија, никогаш. Не можеме да кажеме дека сме привилегирани во однос на другите, не. Повикот е да се служи. А Бог го избира поединецот за да ја покаже својата љубов кон секого, да допре до секого, истакна Петровиот наследник.

Универзалност на Евангелието

За време на катехезата, Светиот Отец предупреди и на опасноста од поистоветување на христијанството со одредена култура, етничка група или систем. Ако тоа се случи, христијанството би ја изгубило својата вистинска католичка природа, односно фактот дека е за секого, својата универзалност, објасни Папата.

Христијанството не е мала група на „првокласни“ избрани. Да не заборавиме: Бог избира некого да ја покаже својата љубов кон сите. Хоризонт на универзалност. Евангелието не е само за мене, тоа е за сите, за сите, да не го заборавиме тоа, заврши Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот