Светиот Престол за Еритреја: Повик на дијалог за образованието и здравството

Светиот Престол за Еритреја: Повик на дијалог за образованието и здравството

Надбискупот Иван Јурковиќ, постојан набљудувач на Светиот Престол при Обединетите нации и во други меѓународни организации во Женева, минатата седмица зборуваше на 43. заседание на Советот за човекови права кое се одржува од 24 февруари до 20 март во тој швајцарски град.

Во својот говор надбискупот се фокусираше на состојбата на Католичката Црква во Еритреја и на мерките на тамошната влада која на Црквата и ја одзеде управата на здравствените и образовните институции.

Католичката Црква во согласност со својата природа и универзалната мисија спроведува каритативни и социјални активности во корист на целокупното население, со посебно внимание кон оние во најголема потреба, без дискриминација – истакна надбискупот Јурковиќ и напомена дека целите кон кои Црквата се стреми се од хуманитарна, а не од политичка природа, како што е промовирањето на правдата, мирот, помирувањето и дијалогот. Постојаниот набљудувач на Светиот Престол поттикна освен тоа владата во Еритреја да започне конструктивен дијалог со Светиот Престол, со цел градење на иднина со мир и благосостојбата во која ќе се почитува слободата на вероисповед.

На крајот надбискупот Јурковиќ изрази надеж дека Католичката Црква во Еритреја ќе може слободно да служи на општото добро, делувајќи преку своите локални институции. Исто така папата Фрањо на 11 јануари, примајќи во аудиенција претставници на Црквата во Етиопија и Еритреја рече дека се надева дека Католичката Црква во тие земји ќе и биде загарнтирана слободата на служење на општото добро, дека на студентите ќе им биде овозможено да ги завршат студиите и дека ќе бидат заштитени воспитните, здравствените и социјалните институции, со сигурност дека пастирите и верниците заедно со сите останатите сакаат да придонесат за просперитет и напредок на тие земји.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот