Исповедта од перспектива на свештеникот
(…)Би сакал да ви отворам една врата преку којa мнозина од вас никогаш нема да поминат, а преку која ние свештениците поминуваме многу често. Ние знаеме што значи да дојдеш пред исповедилницата со потреба самиот да се исповедаш. Ние длабоко знаеме што значи да го чувствуваш својот јад, својата мака, своите гревови, својата желба конечно од тоа да се решиме. Знаеме што е страв, дали ќе бидам прифатен, дали свештеникот ќе биде нервозен, дали ќе ме препознае – сето тоа ни е познато. Би сакал да ви отворам еден прозорец од другата страна да слушнете како ние свештениците се чувствуваме кога ја слушаме вашата исповед.
Прво и можеби најважно е дека е невозможно да бидеш во близната на Бог кога Тој дава милост, а да не бидеш допрен. Ние сите сме допрени со милоста која Бог ви ја дава во простувањето на гревовите. Друго што доживуваме и добиваме е неочекувано и чудесното. Влегуваме во исповедилницата и ни доаѓа човек кој никогаш во животот не сме го виделе и кој можеби и никогаш повеќе нема да го видиме и оддеднаш во моментот доживуваме апсолутна искреност. Отвореност. За таа отвореност сите копнееме. Одеднаш пред нас се наоѓа отворена човечка душа, а со ништо не сме заслужиле или ништо не сме направиле. Чудесно е како тоа делува на нас. Во тие средби учиме колку длабоко човекот може да падне, во какви сѐ замки може да се заплетка, какви сѐ луѓе и околности можат да го заробат, но искусуваме и колку е длабока Божјата милост и што се случува кога Бог ослободува.
Овде учиме колку во човекот има глад за слободата, за чистотата и за вистината. Овде учиме да разликуваме искрен од неискрен човек, зрел од незрел, оној кој дошол на исповед од некои други мотиви, а не од желба за да се помири со Бог. Ние во исповедилницата, така лесно и препознатливо како на дланка, добиваме разлика од искреноста и вистината и сокриеноста и невистината. Во исповедилницата учиме како на Бог му требаат свештеници подготвени да го слушаат човечкиот јад, човечката мака. Учиме колку сме му потребни на Бог, колку му е важно на секој човек да му дадеме време да се искаже, да го претвори во збор сето она што го оптеретува. Овде учиме колку е важно во тие моменти да имаме Божјо срце. Нашата задача не е да го кажуваме своето мислење, своите искуства или своите чувства, туку да отвориме простор за да се случи средба на грешникот со Божјото милосрдие.
Кога вие само би знаеле колку пати сме биле посрамени слушајќи ве вас колку искрено ги исповедате своите гревови! Кога само би знаеле како во нас се буди копнежот и самите ние да бидеме така отворени за Бог и искрени! Колку животни лекции научивме од вашите маки и колку пати сме искусиле како Бог ги ослободува заробените, ги очистува нечистите, како им ја враќа радоста на тажните!
Знаеме дека Исус има апсолутно право: Кој прави грев, роб му е на гревот. Но многу подлабоко од разбирањето на заробеноста, е важно да го разбереме свети Павле: Не си повеќе роб! За нас е исклучително важно да знаеме: Има едно место на кое се раскинуваат оковите на ропството. Не си повеќе роб! Иако си влегол како заробеник излегуваш како наследник.
фра Анте Вучковиќ/Гласник мира/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк