Надбискупот Генсвајн: Не постои несогласување меѓу почесниот папа Бенедикт XVI и папата Фрањо

Надбискупот Георг Генсвајн, префект на Папскиот дом и личен секретар на почесниот Папата, рече дека не постои несогласување меѓу Бенедикт XVI и папата Фрањо по прашањето за причестување на разведените кои се во нов цивилен брак, пренесува Catholic Herald. Во разговорот за германското списание „Christ & Welt“, надбискупот рече дека идејата за спротивности меѓу двајцата папи по тоа прашање се „вештачки“.

„Го немам тој впечаток. Се создава вештачка спротивставеност, која не постои. Папата е прв гарант и чувар на Црквата, а истовремено и прв пастир. Науката и пасторалната грижа не се спротивставени, туку се како близнаци“, истакна надбискупот Генсвајн.

Префектот на Папскиот дом, понатаму истакна дека би било „апсурдно“ да се тврди како доктриналните изјави на папата Фрањо противречат на неговиот претходник. „Една работа е појасно да се нагласат пасторалните настојувања, бидејќи така бараат приликите. Но сосема друга работа е да се промени науката на Црквата. Можат да делуваат на пасторално чувствителен начин, доследно и совесно единствено врз основа на целата католичка наука. Сржта на Светите тајни, на пастирите не им е дадено на слободна волја, туку им е предадено на Господовата Црква. Тоа се однесува посебно на Светата тајна, женидба, рече надбискупот.

Личниот секретар на Папата, понатаму негира дека Бенедикт XVI го има променето заклучокот од еден трактат, кој 1972 година бил напишан за Причеста за разведените кои се во нов цивилен брак, за да делува врз текот на вонредната Синода. „Ревизијата на статијата беше испратена до издавачот многу време пред Синодата. Мораме да се сетиме дека секој автор има право да вметне промени во својата статија. Секоја информирана личност знае дека Бенедикт уште во 1981 година не го прифаќа заклучокот на споменатата статија, што е повеќе од 30 години! Како префект на Конгрегацијата за науката на Црквата, во многу наврати тоа и го потврди“.

Запрашан за реакцијата на повлекувањето на папата Бенедикт XVI од службата, надбискупот рече дека внатрешното прифаќање на таа одлука не беше лесно и додаде: „На денот на неговиот избор за Папа, ветив дека ќе му помагам in vita et in morte. Секако, тогаш го немав на памет отстапување од службата. Но ветувањето и понатаму е вистинито и останува во сила.“

РВ/В.Н.

Категорија: Свет

За авторот