Звањето на сестра Еврозија Алоати – Основателка на Сестрите Евхаристинки
Уште како дете Еврозија чувствувала посебна приврзаност кон посовршен живот. Во редовите на Мариините девојки како обожoвателка, како учителка на своите браќа и сестри, како катехистка на малите девојчиња, таа секогаш ја имала предвид славата на Бога; набожноста кон Светата Евхаристија, ревноста за спасение на душите на ближните, нејзинита благочестивост – сето тоа правело од неа една чесна сестра со световна облека. Но таа била чесна сестра и по душа, зашто никаква светска љубов не проникнала во нејзиното чисто срце. Навистина таа си ги сакала многу родителите, се грижела многу за своите помали браќа и сестри, но нејзиното срце било целосно посветено на Исус Христос.
Се трудела во сѐ да ги поддржува Богопосветените души кои се откажале целосно од светот и неговите суети. Световните радости и забави ѝ биле сосема непривлечни, иако за да ги запази своите браќа од искушението на светот била принудена да ги придружува на веселби и забави. Таа самата никогаш не си го отргнувала срцето од својот небесен Свршеник кого веќе си го избрала.
Еврозија често си мислела дали ќе биде добро да пристапи во манастир за да се посвети целосно на Бога и Божествениот учител. Во здружението на Мариините девојки, во редовите на Сестрите обожователки на Светата Евхаристија и во Третиот ред на свети Фрањо таа се чувствувала поблизу до Христос, но не била сосема задоволна, зашто Божјиот глас ѝ кажувал дека треба да се предаде цела во рацете на Христос и да му припаѓа само нему.
Еврозија чувствувала голема одговорност која лежела на нејзините плеќи во семјството. Татко ѝ кој требал да се грижи за егзистенцијата на многубројното семејство не можел да се грижи за воспитувањето на своите деца; мајка ѝ поради болеста лежела во креветот не можејќи да работи ништо во куќата. Еврозија како најголема сестра требало да ја заменува својата болна мајка не само во домаќинството, но и во грижата за воспитувањето на своите помали браќа и сестри. И така, иако имала голема желба да се посвети целосно на Бога како чесна сестра, Еврозија чувствувала дека е неопходна во семејството.
Но годините поминувале. Помалите браќа и сестри пораснале и станале независни во животот. Сега веќе започнала да мисли почесто за своето звање. Таа веќе решила да влезе во манастир, но не била определена во која заедница да пристапи. Била наклонета кон монашките заедници во кои биле поврзани контемплативноста со добротворни дела. Но како добра христијанка не сакала да преземе ништо без да се советува со својот духовник. Таа на духовникот му ги доверувала своите душевни преживувања, му го откривала своето срце со полна искреност, му ги изложувала искрено сите благочестиви желби кои и ги вдахнувала Божјата благодат.
Со тек на времето мислата за монашки живот сѐ повеќе владеело во срцето на Еврозија. Понекогаш губела храброст и во такви моменти прибегнувала кон својот духовник ﴾исповедник﴿. Во една таква состојба таа се обратила кон својот духовник: „Оче, годините поминуваат, а јас уште не знам во која заедница да влезам. Кога ќе остарам никаде нема да ме примаат. Духовникот кој сакал да го испита постојаноста на Еврозија ѝ одговорил: „Мила ќерко, ако Господ навистина сака да станеш чесна сестра Тој ќе ти вдахне да најдеш манастир, а ако не најдеш таков манастир, Бог може да основа една заедница само за тебе… Биди трпелива и стави се во грижите на небесниот Отец.” Како што ќе видиме тие зборови на духовникот се докажале како пророчки.
Во тоа време многу млади момци сакале својата семејна среќа да ја остварат сврзувајќи се брачно со Еврозија која била позната по целиот град Торино со својот примерен живот и со своите христијански добродетели. Освен тоа Еврозија била со пријатна надворешност и потекнувала од добро семејство. Такви млади кои сакале да ја добијат раката на Еврозија биле неколкумина, но повеќето се отргнале согледувајќи дека нема да најдат взаемност во срцето на најголемата ќерка на Петар и Катерина Алоати. Но имало едно примерно момче кој направил постапки за да ја добие раката на Еврозија, но таа му одговорила љубезно дека решила да му го посвети својот живот на небесниот свршеник и да му служи како чесна сестра.
И покрај сѐ ниту Еврозија, ниту нејзиниот духовник не биле сосема изјаснети за патот по кој треба да тргне Еврозија. Но овде им доаѓа на помош братот на Еврозија, Јосиф кој веќе бил мисионер во Македонија. Нему еден ден отец Бонети, началник на Лазаристите во Солун му рекол: „Оче основате месни сестри”.
Во тој момент тој не разбрал што всушност отец Бонети сакал, но подоцна на 25 август 1884 година кога го молел Крстниот пат во Црквата после 2 часот на четвртата постојка – Исус ја сретна својата мајка – слуша еден внатрешен глас кој како да доаѓал од Исус и Марија. Не можам да ви опишам што чувствував тогаш – вели отец Јосиф, но пред таа постојка стоел цел час и кога се подигнал се почувствувал просветен, поткрепен и уверен дека Бог сака да се основа нова заедница на чесни сестри под покровителство на Пресвета Богородица и да се нарекувааат Евхаристинки, а сестра му Еврозија да им биде основателка. Но бидејќи, продолжува отец Јосиф, свети Павле вели дека ѓаволот понекогаш може да се јави како ’ангел на светлина’, се помолив на Бога да ми даде јавен знак дека тој навистина го сака тоа од мене. Почувствувал дека тој знак ќе биде да каже сѐ на својот началник отец Бонети. Другиот ден кога го молел пак Крстниот пат барал знак од Бога и навистина добил внатрешна поткрепа. Од Црквата веднаш отишол во кабинетот на отец Бонети. Му кажал сѐ и отец Бонети воопшто не се зачудил, туку само рекол: „Нели Ви кажав да основате месни сестри”. Во тој момент му станале јасни зборовите на отец Јосиф кажани пред 10 месеци и само прашал: „А кој ке застане на чело“? „Вашата родена сестра му одговорил отец Бонети”.
И навистина преку духовникот Еврозија ја услишува молбата на нејзиниот брат. Добила согласност од своите родители. Еврозија не престанувала да се моли на Бога за таа намера. Во 1887 година отец Јосиф го придружувал бискупот на патување до Рим и Париз. На вракање отец Јосиф поминал преку Торино и запрел на неколку дена во својот роден град. Еврозија се среќава со својот брат и сакала да разговараат за предлогот што тој ѝ го дал уште во 1884 година. Отец Јосиф и одговорил: „Драга сестро јас решив да те оставам сама да си го определиш звањето, но кога веќе ме прашуваш ќе ти кажам дека мојата желба е да дојдеш во Македонија, ако е таква Божјата волја. Се радувам што ми поставуваш такво прашање и ќе се молам на Господ да дојдеш поскоро и да ме најдеш во Солун”.
Овој разговор меѓу братот и сестрата имал решителни последици. После тоа таа уште поусрдно се молела на Бога за да ја зацврсти во звањето. Еден ден побарала дозвола од духовникот да побара совет од дон Боско, познат по светиот живот. Духовникот за да го испита нејзиното послушание и дозволил да оди кај него, но ѝ забранил да побара совет за своето звање. Така и било. Била кај него, но не го прашала ништо во врска со звањето. Но таа наизглед бесполезна посета ѝ дала прилика да изврши еден херојски чин на послушност. А нејзиниот духовник од тој чин на послушност целосно се уверил дека Бог ја вика во Македонија.
Во почетокот на месец мај 1887 година Еврозија започнала да се моли на Пресвета Богородица и ја замолила до крајот на месецот да ѝ даде знак за волјата на Бога околу нејзиното звање. Така при една средба со дон Боско без таа ништо да го праша за звањето тој ѝвели: „Ти си сакала знак од света Богородица и таа ти го дава преку мене. Оди во Солун, остави сѐ на располагање на твојот брат Јосиф и прави што ќе ти каже тој, но пред да заминеш дојди кај мене сакам да ти кажам нешто”.
Еврозија оди повторно кај дон Боско за да ја исполни неговата желба и еве што таа ни пишува за таа средба: „Отидов кај него со полна вреќа пречки против звањето. Тој ги ислуша една по една и како да ми ги читаше мислите ми одговараше само со зборовите: Знам, знам…, но твојот брат има потреба од тебе…Ти ќе основаш една заедница од месни сестри… ќе имаш момчиња и девојчиња да ги воспитуваш… затоа обрати внимание на советот кој ти го давам: Omnia viderer, panca coririgere, multa dissumulare ﴾сѐ гледај, малку поправај, многу прикривај﴿”.
После таа средба Еврозија сигурна во Божјата волја започнува да ги прави подготовките за доаѓање во Солун. На 3 февруари 1888 година таа тргнува за Солун. На 21 април 1889 година заедно со уште четири други девојки го удираат темелот на основањето на заедницата на Сестрите Евхаристинки.
Од „Добротворно дело на отец Јосиф и сестра Еврозија Алоати”
Сестри Евхаристинки Гевгелија